„Преку спроведување на макропрудентната политика и преземање макропрудентни мерки кон банките, штедилниците и другите финансиски институции на кои им издала дозвола, Народната банка се грижи за постигнувањето и задржувањето на финансиската стабилност. Една од тие мерки е противцикличниот заштитен слој на капиталот којшто беше „активиран“ во средината на 2022 година и за оваа мерка една од меѓународните агенции за кредитен рејтинг наведува дека придонесла за стабилизирање на растот на станбените кредити и за забавување на растот на цените на становите“, пишува Наташа Андреева, директорката на Дирекцијата за финансиска стабилност и макропрудентна политика, во колумна за билтенот на Македонската банкарска асоцијација.
Андреева објаснува дека целта на воведувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот е да се делува превентивно и навремено да се гради и да се зајакнува капиталната сила на домашните банки, што е во основата на отпорноста на банкарскиот сектор на ризици. „При оцената на системските ризици, посебен акцент беше ставен на геополитичката неизвесност и ризиците поврзани со војната во Украина, што создаваа ризици за домашната економска активност и за инфлацијата. Дополнителен фактор беше растот на цените на становите, којшто забрзуваше во тој период, при натамошен солиден раст на станбените кредити“, пишува Андреева и наведува дека мотивот за првичното воведување на стапката на противцикличниот заштитен слој се присутните ризици од повеќе страни, како што се пред сè зголемените ризици од макроекономското окружување, коишто можеа да го зголемат ризикот од проциклично остварување на кредитниот ризик и наталожување на кредитните загуби во билансите на банките.

