„Постигнувањето рамнотежа помеѓу ценовната и финансиската стабилност беше главниот фокус на централните банки, вклучително и на Народната банка, во изминатите неколку години. Историјата покажува дека зголемувањето на каматните стапки на централните банки може да ги зголеми ризиците за финансискиот систем, што всушност се потврди и овојпат преку минатогодишните случувања во САД. Сепак, во целина, добро е што централните банки придонесоа за значително намалување на инфлациските притисоци, а без притоа да има поголеми неповолни ефекти врз финансиските системи. Инфлациските притисоци во домашната економија се значително намалени, девизните резерви се зголемени и на солидно ниво, а финансиската стабилност е зајакната и покрај кризниот период“, истакнува гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во авторски текст објавен во српскиот неделник НИН, списание со повеќедецениска традиција.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска потенцира дека централните банки значително ја затегнаа монетарната политика преку зголемување на основните каматни стапки. Така во регион на ЦЈЕ, основните стапки се зголемија во просек за 600 базични поени, слично како и кај нас. Тоа што е специфично кај нас е дека, со оглед на нашата монетарна стратегија на одржување стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото, Народната банка не се потпираше само на каматната стапка, туку користеше широк сет монетарни мерки. Монетарните мерки беа надополнети и со макропрудентни мерки коишто за првпат беа применети во текот на овие кризни години.

