Европската комисија предлага буџет на Европската унија (ЕУ) за 2025-та година од 199,7 милијарди евра, соопшти прес-центарот на институцијата. Тој ќе биде дополнет со исплати од приближно 72 милијарди евра во рамките на „NextGenerationEU“ (инструментот за обновување на ЕУ). За заедничката земјоделска политика се наменети 53,8 милијарди евра, а за регионален развој и кохезија 49,2 милијарди евра.
Целта е средствата од буџетот за следната година да се насочат кон областите во кои тие можат да донесат најголема промена, наведува ЕК. Фокусот на зелената и дигиталната трансформација е задржан, со средства за поддршка на сириските бегалци во Турција и регионот, Западен Балкан и „одржлива и предвидлива“ помош за Украина.
Буџетот вклучува 16,3 милијарди евра за поддршка на европските партнери и интереси, се наведува во информациите од ЕК, со 10,9 милијарди евра планирани во рамките на програмата Глобална Европа, 2,2 милијарди евра за претпристапна помош и 0,5 милијарди евра за Механизмот за раст за Западен Балкан, како и 1,9 милијарди евра за хуманитарна помош.
За Украина е планирана поддршка во износ од 4,3 милијарди евра во форма на грантови и уште 10,9 милијарди евра во форма на заеми.
За истражување и иновации во 2025-та година се издвоени 13,5 милијарди евра, за стратешки инвестиции 4,6 милијарди евра и за Европската вселенска програма 2,1 милијарди евра.
Буџетот обезбедува речиси 12 милијарди евра повеќе за одржливост и вредности, вклучително и 4 милијарди евра за програмата за образовна мобилност Еразмус +, како и 352 милиони евра за поддршка на креативците и уметниците во Европа.
За борба против климатските промени се наменети 2,4 милијарди евра.
Европската комисија планира да одвои 2,7 милијарди евра за заштита на границите. Во однос на миграцијата, ЕУ ќе даде 2,1 милијарди евра во 2025-та година, а најголемиот дел од овие средства ќе бидат наменети за поддршка на мигрантите и бегалците.
1,8 милијарди евра се наменети за одбранбените предизвици.
Повеќе средства се наменети за здравство, безбедност, борба против тероризмот, сајбер безбедност и безбедни сателитски врски.
Буџетот на ЕУ за 2025-та година мора да биде усвоен до крајот на оваа година.