Силните институции се предуслов за силни економии и правични општества. Највредниот ресурс на институциите е човечкиот капитал, оттаму инвестициите и стратегијата на постојан развој и унапредување на кадрите е суштинска за нивното јакнење. Забрзаниот развој на технологиите, климатските промени, геополитичката нестабилност и флуктуацијата на кадрите создаваат неизвесно окружување за јавните институции. Оттаму, тие треба да вложуваат во задржување на постоечките капацитети, како и развој на новите, со цел да се справат со комплексното окружување. Ова беше истакнато на Годишното собрание на Управниот одбор на Центарот за извонредност во финансиите (ЦЕФ), на кое учествуваше вицегувернерката Ана Митреска.
Во рамките на Годишното собрание на ЦЕФ, гувернери, министри, државни секретари од земјите од Југоисточна Европа зборуваа за знаењата и вештините коишто им се потребни на институциите за да ги остварат своите мандати. Беше зборувано и за важноста на систематскиот и структуриран пристап за развојот на институционалните капацитети и резултатите од вложувањето во институционалните таленти, размената на регионалните добри практики и научените лекции.

