Европската комисија ќе ги извести производителите на автомобили дека од следниот месец привремено ќе применува дополнителни царини до 25 отсто за увезените кинески електрични возила. Се очекува ЕУ да ги воведе овие тарифи поради, како што тврдат, прекумерните субвенции.
Помалку од еден месец откако Вашингтон четирикратно ги зголеми тарифите за кинеските електрични возила на 100 отсто, се очекува Брисел речиси сигурно да воведе пониски царини за увезените автомобили од кинеските производители како BYD и Geely, како и за западните производители како Tesla, кои извезуваат автомобили од Кина кон Европа, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на Фајненшл Тајмс.
BYD, Geely, SAIC и Tesla, како ни ЕУ и Министерството за надворешни работи на Кина, се уште не ги коментираа овие информации. Овој потег доаѓа кога европските производители на автомобили се соочуваат со конкуренција од поевтини електрични возила од кинеските ривали.
Кина ја критикуваше ЕУ поради истрагата за субвенционирање, повика на соработка и лобираше со одредени земји од ЕУ, но не објасни целосно како ќе одговори на царините.
Многу производители на автомобили во ЕУ го осудија планот, плашејќи се дека Кина би можела да одговори на истиот начин или дури и да ги блокира од својот пазар. Европските брендови учествуваа со околу шест проценти од продажбата на електрични возила во Кина во 2022 година.
Германија извезла 216.299 автомобили во Кина во 2023 година, што е за 15 отсто помалку од претходната година. Европските производители, вклучувајќи ги Мерцедес и Фолксваген, исто така имаат фабрики во Кина. Geely, една од кинеските компании под истрага, е сопственик на шведскиот бренд Volvo.
Германија, Унгарија и Шведска јавно се спротивставија на планот на ЕУ за воведување царини, а се очекува да им се придружат и Чешка и Словачка. За евентуално поништување на европската одлука за царини потребни се гласовите на најмалку 11 земји од ЕУ.