11 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕве колку заработи Русија од нафта од почетокот на 2024-та

Еве колку заработи Русија од нафта од почетокот на 2024-та

Приходите во рускиот буџет од трговијата со нафта и природен гас се зголемени за 73,5% на годишна основа до 4,95 трилиони рубљи (над 55,7 милијарди долари) во периодот јануари – мај 2024-та година, објави Министерството за финансии за Русија. Причината за ова значително подобрување е повисоката цена на руската нафта во овој период.

Во првите месеци од 2023-та година, санкциите против руската нафта сè уште беа во сила и се почитуваше плафонот од 60 долари за барел. Тогаш приходите од нафтата се намалија за 50% на 2,85 трилиони рубљи. После тоа, сепак, Русија најде начин да ги заобиколи мерките, главно со купување на својата флота од стари танкери и откажување од услугите на западните компании поврзани со поморството (осигурување итн.).

Министерството за финансии престана да го објавува извештајот за цените по кои се тргува со руската нафта, но податоците за мај 2023-та година беа дека испораките на сортата Урал се направени по 53 долари за барел. Денес, цената на европскиот брент, кој е репер за повеќето договори за снабдување, веќе е околу 80 долари за барел.

Приходите без нафта во рускиот буџет се зголемија за 34 отсто на 9,34 трилиони рубљи, покажаа и податоците на Министерството за финансии. Главна причина се зголемените даночни приходи (за нешто над 19% на годишно ниво).

И покрај ова зголемување, буџетот на Русија сѐ уште е во дефицит, иако е намален за 2 трилиони рубљи во споредба со почетокот на минатата година. Во првите пет месеци, дефицитот беше 0,5% од бруто домашниот производ (БДП), или 983 милијарди рубљи.

Расходите во буџетот достигнуваат 15,2 трилиони рубљи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП