„И покрај периодот на продолжени последователни шокови од невидени размери, активностите на банкарскиот систем и натаму растат и тој е стабилен и во услови на силна капитална и ликвидносна позиција. Силната капитална позиција на банките, којашто постојано се подобрува, придонесува за највисока стапка на адекватност на капиталот од 2007 година наваму, до нивото од 18,1% на крајот на 2023 година. Нивото на квалитетот на капиталот е највисоко, каде што над една третина од сопствените средства на банките им служат како заштитен слој или се „слободни“ и може да се користат за справување со различни предизвици. Тоа во голема мера е резултат на зајакнувањето на регулаторната и супервизорската рамка и макропрудентните мерки преземени од страна на Народната банка, меѓу другото и преку воведување и постепено зголемување на противцикличниот капитален заштитен слој, од 0,5% од август 2023 година до 1,5% од јануари 2025 година“, истакна Викторија Глигорова, директорката на Секторот за супервизија во Народната банка, на втората конференција за управување со ризиците „Ризиците движат – Quo vadis?“, организирана од факултетот Хајделберг во Скопје.
Глигорова нагласи дека и во услови на затегната монетарна политика, минатата година банките обезбедија солидна кредитна поддршка, со раст од 4,3% на кредитите. Беше забележан и засилен раст на вкупната актива од 9,1% и на депозитите од 9,2%, особено на страната на домаќинствата. Стапката на нефункционалните кредити во вкупното кредитно портфолио е ниска веќе подолг период, а ограничено е и остварувањето на кредитниот ризик поради усогласувањето со регулативите на ЕУ, што доведе до воедначување на пристапот за определување на нефункционалниот статус на кредитите. Глигорова истакна дека поради неизвесноста и предизвиците од глобалното опкружување коишто и натаму постојат, има потреба од внимателно следење на квалитетот на портфолиото на банките, вклучително и на евентуалното остварување на индиректниот кредитен ризик и навременото признавање на кредитните загуби.

