30 април, 2025
ПочетнаТЕХНОЛОГИЈАКинеско знаме на „темната“ страна на Месечината: Лунарниот лендер „Chang'e-6“ тргна на...

Кинеско знаме на „темната“ страна на Месечината: Лунарниот лендер „Chang’e-6“ тргна на своето историско патување до Земјата

Месечевата сонда „Chang’e-6“ го започна своето долго патување до Земјата од „темната“ страна на Месечината, правејќи уште еден чекор кон завршувањето на амбициозната мисија на Кина.

Во симболичен момент пред да полета лендерот, Кина стана и првата земја што го покажа своето знаме на далечната страна на природниот сателит на Земјата.

Сондата ги носи првите примероци од почвата од оваа страна на Месечината, која поради неговиот специфичен гравитациски „танц“ со Земјата, никогаш не е видлива од нашата планета, а ги собирала во текот на два дена од кратерот Аполо.

Враќањето дома треба да трае околу три недели, а слетувањето е планирано за 25 јуни.

Успешното враќање на примероците ќе и даде на Кина голема предност во истражувањето на „темната“ страна на Месечината, за која шефот на НАСА Бил Нелсон рече дека претставува „нова вселенска трка“.

Ова е втор пат земјата да собира примероци од Месечината, а првпат тоа успеа во 2020 година.

Кинеското знаме што го остави зад себе „Chang’e-6“ беше направено од вулканска карпа, која беше стопена и претворена во нишки три пати потенки од човечко влакно, кои потоа беа искористени за ткаење на овој необичен материјал.

„Површината на Месечината е богата со базалт. Бидејќи во иднина градиме лунарна база, веројатно ќе треба да го претвориме базалтот во влакна и да го користиме за производство на материјали“, објасни Џоу Чанџи, инженер вклучен во оваа мисија, пренесува Си-Ен-Ен.

Програмата „Chang’e“, именувана по кинеската божица на месечината, трае седумнаесет години. „Chang’e-3“ го имаше првиот успешен лет на површината на Месечината на крајот на 2013 година, а по слетувањето на четвртата мисија на далечната страна на Месечината, следеше успешно враќање на примероците од блиската страна на небесното тело во мисијата „Chang’e-5“ на крајот на 2020 година.

Не е крај. Кинезите веќе планираат да ја лансираат мисијата „Chang’e-7“ во 2026 година, кога треба да го истражат ресурсниот потенцијал на јужниот пол на Месечината, за кој се верува дека содржи големи резерви на вода. Две години подоцна, планирана е осма мисија, која ќе ја тестира употребата на овие ресурси на самото место, на пример, при изградба на структури од лунарна прашина и карпи.

Кина, исто така, планира да го испрати првиот екипаж на Месечината во 2030 година, а во таа деценија да изгради Меѓународна станица за истражување на Месечината во соработка со Русија, Белорусија и Пакистан.

Соединетите држави имаат слични планови со програмата „Артемис“ или „Артемида“, која предвидува слетување на астронаутите на површината на Месечината во 2026 година. Тие, исто така, работат на дипломатска рамка позната како „Артемида спогодби“ за меѓународна соработка во истражувањето на нашиот единствен природен сателит кој досега е потпишан од повеќе од четириесет земји.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП