Претставници на Народната банка присуствуваа на меѓународната конференција на Светската банка, на тема „Поставување вистински реформски приоритети во финансискиот сектор“ („Getting the financial sector reform priorities right“), која се одржа во Виена, Австрија.На Конференцијата беа опфатени различни актуелни теми кои се однесуваат на стабилноста на финансискиот, пред сѐ на банкарскиот систем, при што се разговараше за новините во банкарската регулатива, микропрудентните и макропрудентните политики за климатските ризици, вреднувањето на средствата, решавањето банки и за дигиталниот оперативен ризик.
Директорката на Дирекцијата за финансиска стабилност и макропрудентна политика, Наташа Андреева, зеде учество на панел-дискусијата на тема: „Политики за ублажување на ризиците од климатските промени“, на која ги презентираше досегашните и идните активности на Народната банка во доменот на управувањето со климатските ризици коишто може да влијаат врз банкарскиот систем, како и можностите и условите за примена на макропрудентните мерки. Народната банка, препознавајќи го значењето на климатските промени и нивното потенцијално влијание врз финансискиот систем и економијата во целост, во последните години презеде низа активности во оваа насока. Во 2021 година им се приклучи на Меѓународната мрежа за зелен финансиски систем, а потоа и на Виенската иницијата, а од 2022 година, поддршката на зелените финансии стана дел од стратегиските цели на централната банка. Минатата година го усвои првиот тригодишен план во кој се дефинирани активностите коишто се однесуваат на управувањето со климатските ризици во областа на финансиите. Планот веќе почна да се спроведува, така што неодамна беа донесени насоки за банките за начинот на кој тие треба да управуваа со ризиците поврзани со климатските промени, се направија првични анализи за оцена на изложеноста на банкарскиот систем на физичките и на транзициските ризици поврзани со климатските промени, а минатиот месец за првпат се објави Прегледот со „зелени“ показатели, со цел да се подобри расположливоста на податоците за климатските промени, која е суштинска при изработката на анализите и носењето на политиките.

