Подготовката на квалитетни, доверливи и навремени податоци се клучни за добро разбирање на економијата. Оттаму, статистичката функција на Народната банка, којашто е една од нејзините основни задачи, е од суштинско значење и централната банка постојано работи на унапредување на квалитетот и опфатот на статистичките податоци коишто ги објавува, посочи директорката на Секторот за монетарна политика, истражување и статистика при Народната банка, Султанија Бојчева-Терзијан, на предавањето коешто го одржа на Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ − Штип, под наслов „Статистичките податоци на Народната банка: Клучен фактор за донесување одлуки засновани на докази“. Предавањето беше во рамките на свеченото отворање на Лабораторијата за квантитативни истражувања во економските и организационите науки, како дел од заложбите на овој универзитет за подобрување на научно-истражувачката инфраструктура и со тоа, афирмација на научната работа и раст на бројот на публикувани научноистражувачки трудови.
На предавањето, директорката даде поширок приказ на сите податоци коишто ги објавува Народната банка и нивната улога во носењето мерки и политики. Исто така, беа разгледани и погодностите коишто ги нуди статистичката платформа НБСтат за пребарување и споредба на подолгите серии статистички податоци подготвени од Народната банка.

