Глобалната побарувачка за нафта ќе расте најмалку до 2034 година, покажуваат најновите прогнози на аналитичарите на њујоршката банкарска корпорација Goldman Sachs.
Во прогнозата се наведува дека побарувачката за нафта ќе се зголеми на 108,5 милиони барели дневно во 2030 година и ќе достигне врв во 2034 година кога ќе изнесува 110 милиони барели дневно, пренесува Ројтерс. Goldman Sachs наведува дека побарувачката за нафта ќе биде висока до 2040 година.
Покрај тоа, корпорацијата со седиште во Њујорк рече дека продажбата на електрични возила со батерии (BEV) забавува на глобално ниво, додека интересот за хибриди (HEV) и plug-in хибриди (PHEV) е поголем од очекуваното.
Асоцијацијата на европски производители на автомобили (ACEA) на 22 мај објави дека бројот на регистрирани електрични возила со батерии се зголемил за 14,8 отсто на годишно ниво во април на 108.552 автомобили, додека пазарниот удел на овие возила остана стабилен на околу 12 отсто.
Во исто време, уделот на хибридно-електричните возила (HEVs) значително се зголеми на годишно ниво и изнесуваше 24,9 проценти во април 2023 година. Некои компании веќе најавија дека во иднина повеќе ќе се фокусираат на производство на хибриди наместо на целосно електрични возила на батерии.