1 јули, 2024
ПочетнаЛУКСУЗ И ПАТУВАЊЕЗаборавете на евтин одмор во Албанија – ова се цените на храната...

Заборавете на евтин одмор во Албанија – ова се цените на храната во Ксамил

Со зголемувањето на бројот на туристи, Албанија станува сè поскапа дестинација за македонските туристи.

Според реакциите на посетителите од Србија и од Македонија во Фејсбук-групата „Одмор во Албанија”, цените во рестораните значително се зголемиле, достигнувајќи „солени“ износи.

Во популарното туристичко место Ксамил, цените за храна се зголемиле за околу 20% во споредба со минатата година.

Еден килограм мешано месо сега чини 2.200 леки (околу 1.200 денари), додека порција пилешко филе со помфрит достигнува 650 леки (околу 350 денари).

Љубителите на морската храна ќе треба да платат 800 леки (околу 450 денари) за тестенини со морски плодови.

Дури и наједноставен појадок – две варени јајца и сирење – сега чини 350 леки (околу 200 денари), а цената за една крофна е 200 леки (115 денари).

Скопјанецот Иван Петровски, кој пред десетина години за првпат го посетил Ксамил со своето семејство, истакнува дека цените сега се скоро тројно поскапи.

„Кога првпат дојдовме тука, сè беше многу поволно. И сè беше поразлично. Албанците тогаш беа во процес на учење на туризмот. Ако ми верувате, Ксамил беше едно најобично село, кое, ете, по некоја случајност излегува на море. Верувајте, крави и овци шетаа по улиците. Сега, една деценија подоцна, сè е поскапено, и тоа не само малку. Цените се тројно повисоки, а и Албанците научија како треба да се однесуваат со туристите”, вели Петровски, кој и минатата година го посетил Ксамил.

Овој тренд на зголемување на цените не е изненадувачки, со оглед на фактот дека Албанија станува сè попопуларна туристичка дестинација.

Според податоците од Агенцијата за туризам на ОН, Албанија во 2023 година забележала раст на меѓународните туристички пристигнувања од 56% во споредба со претходните години.

Додека Албанија продолжува да привлекува туристи со своите убави плажи и културно наследство, македонските туристи се соочуваат со дилема – дали да ги прифатат повисоките цени или да бараат алтернативни дестинации за нивниот летен одмор.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП