20 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИнфлација во Аргентина: 10.000 пезоси ќе вредат 10 долари

Инфлација во Аргентина: 10.000 пезоси ќе вредат 10 долари

Цените во Аргентина пораснаа толку драматично во последните месеци што владата на слободарскиот претседател Хавиер Милеи беше принудена петкратно да ја зголеми најголемата аргентинска банкнота, а таа сега изнесува 10.000 пезоси, што е приближно десет американски долари, пишува Асошиетед прес.

Централната банка во вчерашното соопштение вети дека ќе им го олесни товарот на многу Аргентинци, буквално, кои мораат да носат огромни торби, понекогаш дури и куфери, со голема сума готовина за мали трансакции.

Годишната стапка на инфлација во Аргентина во март достигна 287 отсто и е меѓу највисоките во светот.

Новата деноминирана банкнота треба да се појави на улиците следниот месец „за да се олеснат трансакциите меѓу корисниците“, објави централната банка.

Во моментов 10.000 пезоси, што ќе гласи на банкнотата, официјално вреди 11 американски долари, а на црниот пазар 9 долари.

Во цела Аргентина, готовината, особено банкнотата од 1.000 пезоси, останува најпопуларниот начин на плаќање.

Кога стапи во оптек во 2017 година, банкнотата од 1.000 пезоси имаше вредност од 58 американски долари на црниот пазар. Сега вреди еден долар.

Со оглед на најтешката финансиска криза во Аргентина во последните две децении и нестабилноста што ја предизвика, продавачите ја фаворизираат „готовината“ наместо безготовинското плаќање и нудат големи попусти за оние кои плаќаат во готово.

Претседателот Хавиер Милеи дојде на власт како политички аутсајдер минатиот декември, ветувајќи дека ќе ја скроти инфлацијата и ќе го стабилизира пезосот со промена на политиките на претходните левичарски влади, кои печатеа пари за финансирање на јавната потрошувачка.

Но, острите мерки за штедење на владата на Милеи ги потиснаа цените на ниво на американски и европски цени, што силно ги погоди обичните Аргентинци, па затоа за денеска е закажан голем национален штрајк.

Милеи, и покрај високата инфлација, вели дека неговиот план функционира.

Аргентина исто така најавува банкнота од 20.000 песози, но подоцна во годината.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП