19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦените на нафтата паднаа, доларот зајакна

Цените на нафтата паднаа, доларот зајакна

Повеќето азиски берзи паднаа денеска бидејќи немаше нови вести за поддршка на пазарите, додека доларот зајакна во однос на кошницата валути поради неизвесноста дали ФЕД ќе почне да ги намалува каматните стапки оваа година.

Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, во 07:00 часот беше намален за 0,3 отсто.

Истовремено, јапонскиот индекс Nikkei се лизна за 1,4 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Шангај и Хонг Конг паднаа меѓу 0,1 и 0,4 отсто. Во Јужна Кореја, сепак, тие благо се зголемија. Инвеститорите се фокусирани на кварталните деловни резултати на најголемите компании од регионот, додека други позначајни економски вести нема.

Поради ова, тргувањето е претпазливо, исто како вчера на Wall Street, кога Dow Jones и S&P 500 индексот пораснаа за благи 0,1 отсто, додека Nasdaq падна за исто толку. По три дена значителен раст на индексот, вчера тргувањето беше претпазливо на најголемата светска берза.

Пазарот се уште е поддржан од надежта на инвеститорите дека американската централна банка ќе почне да ги намалува каматните стапки во септември, откако податоците објавени минатиот петок покажаа дека пазарот на трудот „се лади“, што може да значи дека инфлацијата може да се намали во наредните месеци.

На валутните пазари, пак, се зголеми вредноста на доларот во однос на кошницата на валути, откако вчера претседателот на филијалата на ФЕД во Минеаполис, Нил Кашкари изјави дека поради зголемената инфлација и силниот пазар на недвижности, ФЕД би можела да ги задржи каматните стапки на сегашното ниво до крајот на годината.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 105,50 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 105,13 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 154,20 на 154,95 јени.

Доларот во последните денови зајакна во однос на јенот, иако јапонските власти предупредуваат на негативното влијание од слабоста на јенот и се закануваат дека повторно ќе интервенираат на пазарот за да го запрат слабеењето на јенот.

И американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0735 долари, додека вчера во ова време беше 1,0765 долари.

Цените на нафтата, пак, паднаа. Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово се лизна за 0,43 отсто, на 82,80 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 0,40 отсто, на 78,05 долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП