Деловната активност во еврозоната порасна во април со најбрзо темпо за речиси една година, покажува глобалниот индекс на менаџери за набавка на „S&P“ (PMI).
Подемот на водечкиот услужен сектор успеа да го неутрализира континуираниот пад во производствениот сектор, се вели во истражувањето.
Во април генералниот индекс се искачи на 51,7 поени од 50,3 поени во март и беше над очекуваните 51,4 поени. Тоа беше втор месец по ред што индексот беше над границата од 50 поени што го дели растот од контракцијата и беше на највисоко ниво од мај 2023-та година.
„Услужниот сектор се прошири трет месец по ред, ставајќи крај на недостатокот на моментум забележан на крајот на минатата година“, рече Сајрус де ла Рубија од „Hamburg Commercial Bank“.
Индексот на услужниот сектор во април скокна на 53,3 поени од 51,5 поени во март. Тоа беше над очекувањата од 52,9 поени и највисоко ниво од мај 2023-та година.
Сличното истражување минатата недела откри дека деловната активност во производствениот сектор се влошила во април, зголемувајќи го јазот меѓу двата сектора.
Генерално, сепак, досега преовладува оптимизмот за годинава, а генералниот индекс на идното производство останува на ниво од 61,6 отсто, колку што беше во март.