17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Нарачав патики преку Фејсбук, а кога ја отворив кутијата…“

„Нарачав патики преку Фејсбук, а кога ја отворив кутијата…“

Во време кога онлајн шопингот станува сè почеста практика, граѓаните на Македонија се соочуваат со нов вид измама.

На социјалните мрежи, особено на непроверени Фејсбук страници, се појавуваат огласи за продажба на патики кои привлекуваат со своите ниски цени и атрактивни понуди.

Сепак, купувачите кои ги нарачуваат овие производи често завршуваат разочарани кога во кутиите наместо патики наоѓаат дрва за огрев.

Еден вработен во карго-служба во Скопје, кој побара анонимност, сподели дека секојдневно се соочува со жалби од клиенти кои се измамени на овој начин.

„Многу луѓе ми се јавуваат на телефон за да ми се пожалат дека пратката што сум им ја оставил содржела дрва наместо патики. Продавачите веднаш ги блокираат своите жртви на социјалните мрежи и продолжуваат да ја шират измамата”, објаснува курирот.

Тој додава:

„Еве, во моментов имам кутија со патики, а сигурен сум дека патики нема внатре, туку има дрва. Сега треба да одам да им ја доставам на луѓето, па тие мене да ме пцујат. А јас не сум воопшто виновен, јас не ни знам кој ги праќа. Само одам во магацин и ги подигнувам пратките кои се спремни за разнесување. Проблемот е што ми е забрането да им дозволам да ја отворат пратката пред да ја платат”, коментира нашиот соговорник.

Организацијата на потрошувачи на Македонија и Министерството за внатрешни работи предупредуваат и советуваат граѓаните да бидат внимателни при купувањето преку интернет.

Се препорачува да се купува од проверени продавачи и да се избегнуваат нерегистрирани фирми кои не нудат можност за плаќање преку трансакција и кои не издаваат фискална сметка.

Во случај на измама, граѓаните можат да се обратат во Организацијата на потрошувачи на Македонија или директно во Министерството за внатрешни работи за да поднесат пријава.

Важно е да се знае дека има закони кои ги штитат потрошувачите и дека секој има право да бара правда во случај на измама.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП