Народната банка постојано работи на унапредување на регулативата за осигурување на дигиталната отпорност во финансискиот сектор. Започнати се активности за усогласување на домашната регулатива со европскиот Закон за дигиталната оперативна отпорност (англ. Digital Operational Resilience Act − DORA), со што ќе се воспостават унифицирани стандарди за заштита, пријавување и справување со сигурносните инциденти, обезбедување непрекинатост во работењето, поголема контрола на надворешните лица кои обезбедуваат важни оперативни функции и засилена комуникација и координација на сите институции во финансискиот сектор на нашата држава, пишува Горан Јанкоски, главниот супервизор за информациските системи на Народната банка во колумна за билтенот на Македонската банкарска асоцијација.
Јанкоски наведува дека дигиталната отпорност се дефинира како способност за заштита, справување и брзо обновување на деловните процеси на финансиската институција од настани коишто може да предизвикаат нивен прекин. „Законот треба да обезбеди поддршка на процесот на дигитална трансформација, правилна примена на новата технологија и поттикнување на иновативноста во новото време на дигитални финансии. Народната банка во моментов подготвува нова Одлука за Методологија за сигурноста на информативниот систем, усогласена со насоките на Европскиот банкарски орган (ЕБА) за управување со ризиците поврзани со сигурноста. Оваа одлука би била вовед во активностите за подготовка и воведување нов закон за унапредување на дигиталната оперативна отпорност во финансискиот сектор, усогласен со ДОРА“, посочува Јанкоски.

