„Народната банка на последниот состанок на Комитетот за оперативна монетарна политика одлучи да не ја менува основната каматната стапка и ја задржа на 6,3 %, со оцена дека таа соодветствува со условите во економијата“, истакна вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска во интервју на ТВ „Блумберг Адрија“. Таа додаде и дека сите показатели коишто внимателно ги следи централната банка, во контекст на носењето на монетарните одлуки, се придружени со поволни трендови, меѓутоа ризици и натаму има и оттаму Комитетот заклучува дека е потребно внимателно водење на монетарната политика и во овој период.
„Има видливо забавување на инфлацијата. Во првото тримесечје, годишната инфлација се спушти на 3,4%, што всушност е слично на темпото на растот од почетокот на 2021 година. Онака како што очекувавме, и распонот на нашата инфлација е значително намален во однос на еврозоната, по неговото првично зголемување, поради тоа што структурата на нашата економијата е таква што првичните ценовни шокови однадвор многу посилно и побрзо нè погодуваат. Сите овие промени соодветствуваат со движењето на цените на светските берзи, каде што цените на храната и енергентите постепено се нормализираат, но и со позатегнатите финансиски услови“, нагласи вицегувернерката Митреска.

