30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЛагард: Почетокот на намалување на каматните стапки „во разумно краток рок“

Лагард: Почетокот на намалување на каматните стапки „во разумно краток рок“

Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, рече дека банката е на пат да започне со намалување на каматните стапки „во разумно краток временски период“, под услов да нема големи шокови од Блискиот Исток или други геополитички жаришта.

Лагард во вторникот рече дека ЕЦБ „го следи дезинфлациониот процес“ во согласност со нејзините прогнози, со што е извесно дека инфлацијата во еврозоната ќе ја достигне целта од 2 проценти до средината на следната година, иако патот до таму најверојатно ќе биде „трнлив “.

„Ако не добиеме голем шок во развојот на ситуацијата, се движиме кон време кога треба да ја олесниме рестриктивната монетарна политика што ја имаме, во разумно краток временски период“, изјави шефицата на ЕЦБ за CNBC. Таа истакна дека ЕЦБ „постојано го следи“ влијанието на зголемените тензии на Блискиот Исток и на други места и дека тие се „релативно умерени“.

Да потсетиме дека годишната инфлација во еврозоната во март падна на 2,4 отсто, што беше пониско од предвиденото. Ова ги поттикна очекувањата дека ЕЦБ ќе почне да ги намалува каматните стапки до летото.

Минатата недела по состанокот на ЕЦБ, Лагард истакна дека не се обврзува однапред на ниту едно ниво на каматни стапки, но дека „би било соодветно да се намали сегашното ниво на ограничувања на монетарната политика“ доколку Управниот совет е уверен во одржливо враќање на инфлацијата во целната рамка.

„Доколку ажурираната оценка на Управниот совет за изгледите за инфлацијата, динамиката на базичната инфлација и силата на преносот на монетарната политика дополнително ја зголемат неговата доверба дека инфлацијата се приближува кон целта на одржлив начин, би било соодветно да се намали сегашното ниво на затегнување на монетарната политика“, соопшти ЕЦБ по состанокот на 11 април.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП