Аплицирање и добивање извештај од Кредитниот регистар дигитално е услуга којашто е достапна за граѓаните 24 часа, седум дена во неделата, на македонски и на албански јазик. За да ја ползуваат оваа услуга, граѓаните треба да отворат свој профил на uslugi.gov.mk . Услугата од Кредитниот регистар се добива бесплатно и преку дигиталниот канал, и со физичко поднесување барање до Архивата на Народната банка, наведува директорот на Дирекцијата за вонтеренска супервизија и лиценцирање, Илија Андовски, во изјава за „Само прашај“, проект на Институтот за комуникациски студии.
Андовски објаснува дека извештајот од Кредитниот регистар содржи податоци за моменталната состојба на долгот на граѓаните, податоци за просечната категорија ризик определена од страна на секоја од банките каде што граѓанинот има кредити, дали некаде се јавува како гарант или жирант и исто така дали некоја банка за него има пријавено отпишано побарување. Податоците во извештајот се со последната расположлива состојба којашто ја има Народната банка. „Досега овој извештај можеше да се добие единствено преку поднесување барање лично во просториите на Народната банка. Заради поедноставување на начинот на добивање на оваа услуга, Народната банка овозможи и нов канал и тој е сега достапен преку националниот портал на услуги uslugi.gov.mk“, вели Андовски.

