Тргувањето со криптовалути има добри и лоши времиња. На пример 2022 година беше обележана со постојан пад на вредноста на биткоинот и другите криптовалути, а инвеститорите со неверување гледаа како нивната инвестиција се топи и исчезнува со голема брзина. Од друга страна, по тој голем пад, следуваше позитивен период, а во последно време биткоинот повторно држи висока цена и руши рекорди. Многумина очекуваат дека оваа вредност ќе продолжи да расте (особено како што се приближува преполовувањето), се споменуваат бројки од 100.000 долари, но прашање е колку долго биткоинот ќе расте, или кога ќе започне нов пад.
Deutsche Bank неодамна спроведе истражување за иднината и движењето на цената на биткоинот на примерок од околу 3.600 луѓе во САД, а резултатите од тоа истражување се доста интересни. Имено, околу една третина од анкетираните веруваат дека биткоинот би можел да го дочека крајот на годината со вредност помала од 20 илјади долари, што би претставувало радикален пад во однос на сегашната вредност. Иако ова е значителен примерок кој не верува во иднината на биткоинот, треба да се нагласи дека овој процент се намалува во однос на претходните месеци, а во јануари 36 отсто од луѓето верувале дека биткоинот може да ја заврши годината со вредност помала од 20 илјади долари, додека во февруари тој удел изнесуваше 35 отсто. Во последното истражување, кое беше спроведено во март, овој удел падна на 33 отсто.

