9 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦените на златото достигнаа рекордни нивоа

Цените на златото достигнаа рекордни нивоа

Цените на златото денеска достигнаа нови рекордни височини поради зголемените геополитички тензии и купувањата од страна на централните банки.

На физичкиот пазар во Лондон цената на унца злато утринава беше за 1,1 отсто повисока отколку на затворањето на тргувањето вчера и изнесуваше 2.364,10 долари, што е највисоко ниво откако почнало да се тргува со злато.

На американскиот пазар на фјучерси, унцата денеска се тргуваше по нова рекордна цена од 2.383,15 долари, за 1,4 отсто повисока од вчерашното затворање на тргувањето.

Геополитичките тензии во фокусот

Геополитичките тензии повторно се во центарот на вниманието по израелскиот напад врз иранскиот конзулат во сириската престолнина, при што загинаа неколку високи ирански воени претставници. Иран најави одговор.

Пазарите ги следат и преговорите за прекин на огнот во окупираниот палестински Појас Газа. Палестинскиот Хамас го отфрли последниот израелски предлог, а израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека одредиле датум за копнен напад врз палестинскиот град Рафах, каде што се засолниле еден милион палестински бегалци.

Цените на златото го одразуваат и континуираното силно купување од страна на централните банки во февруари, според податоците на Светскиот совет за злато.

Златните резерви во централните банки повторно се зголемија во февруари, иако послаби отколку на почетокот на годината.

Централните банки во февруари купиле 19 тони злато, речиси 60 отсто помалку отколку во јануари. Побавната стапка на пораст на резервите, сепак, не го наруши трендот на зголемени набавки од страна на централните банки, посочуваат од Советот.

Најголем купувач на злато во февруари беше кинеската централна банка

Според достапните податоци за февруари, златните резерви на централните банки се зголемија деветти месец по ред. Обемот на нето-откупите беше, сепак, приближно половина од она што беше во јануари, бидејќи централните банки го намалија бруто-откупот и ја зголемија продажбата.

Во првите два месеци од годинава нивните резерви се намалени за 43 отсто во однос на истиот период лани, но тие се дури четири пати повисоки од првите два месеци од 2022 година. Во февруари најголем купувач беше кинеската централна банка, по што следат централните монетарни институции на Индија и Казахстан.

Турција е на четврто место, а чешката централна банка се издвојува меѓу десетте најголеми купувачи, според податоците на Советот.

Како и во претходните месеци, како што посочуваат од Светскиот совет за злато, активноста најмногу била ограничена на оние кои во последните години биле редовни купувачи или продавачи. Само централните банки на Узбекистан и Јордан продале значително количество злато во февруари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП