6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦените на недвижнините во Европа во 2023 година ослабеа за прв пат...

Цените на недвижнините во Европа во 2023 година ослабеа за прв пат по 10 години

Цените на недвижностите во Европа паднаа минатата година за прв пат по една деценија, додека силниот раст на пазарот на недвижности во некои источни и јужни земји беше компензиран со падот во многу северни држави на ЕУ. Според најновите податоци на Евростат, цените на становите се намалени за 0,3 отсто во цела ЕУ и за 1,1 отсто во еврозоната во 2023 година.

Германскиот пазар на недвижности беше еден од најтешко погодените со пад од 8,4 отсто на годишно ниво, веднаш зад Луксембург со пад од 9,1 отсто, додека во Финска цените на недвижностите паднаа за 5,6 отсто, а во Шведска за 5,3 отсто. Цените во Хрватска, Бугарија, Литванија, Полска и Португалија се зголемија меѓу осум и 12 отсто.

Економистите велат дека посилниот економски раст во земјите од јужна и источна Европа во последниве години им помогнал на нивните пазари за недвижнини да продолжат да растат, додека централните земји како Германија и Франција страдаат од стагнација или слаб раст, пишува Фајненшл тајмс.

Аналитичарите проценуваат дека најновите слабости на германската економија придонесуваат за претпазливост на купувачите, а по силниот пораст на цените на недвижностите за време на пандемијата, германскиот пазар сега претрпува корекција. Динамиката на понудата придонесе за раст на цените на европските пазари каде што малку се градеше.

Кога станува збор за Хрватска, има зголемен прилив на инвестиции откако таа влезе во еврозоната во јануари 2023 година. Пазарот во Португалија е засилен со даночни олеснувања за купувачите на втор дом, додека пазарот на недвижности во Полска се зајакнува поради бранот дополнителни стимулации и пониски каматни стапки на заемите.

На квартална основа, цените на куќите во ЕУ паднаа за 0,3 отсто во последните три месеци од 2023 година во однос на претходниот квартал, додека цените во еврозоната паднаа за 0,7 отсто. Цените достигнаа врв во третиот квартал од 2022 година, набргу откако Европската централна банка почна да ги зголемува каматните стапки како одговор на најголемиот скок на инфлацијата во една генерација.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП