1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИнфлацијата во еврозоната во март пониска од очекуваното

Инфлацијата во еврозоната во март пониска од очекуваното

Годишната инфлација во еврозоната падна на 2,4 отсто во март, пониска од прогнозата и ги подгреа очекувањата дека Европската централна банка ќе почне да ги намалува каматните стапки до летото, објави во средата Евростат.

Растот на трошоците за храна е умерен, а вкупниот раст на цените се намали во двете најголеми европски економии, Германија и Франција. Прогнозите на експертите беа дека инфлацијата во март ќе изнесува 2,5 отсто, пренесува АП.

Инфлацијата на цените на храната падна на 2,7 отсто од 3,9 отсто, а енергенсите паднаа за 1,8 отсто. Базичната инфлација, која ги исклучува нестабилните трошоци за храна и енергија, падна на 2,9 отсто од 3,1 отсто во февруари. Цените за услугите, кои вклучуваат сè, од билети за кино до медицинска нега, останаа високи.

Инфлацијата во еврозоната се искачи на рекордни 10,6 отсто во октомври 2022 година, откако Русија го прекина најголемиот дел од испораките на природен гас за Европа поради војната во Украина, што ги зголеми цените на енергијата и предизвика криза на трошоците за живот.

Следниот состанок ЕЦБ ќе го одржи на 11 април, но не се очекува промена на сегашното ниво на каматни стапки од 4,5 отсто. Првото намалување на трошоците за задолжување се очекува во јуни.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП