3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГодишната стапка на инфлација во Турција се искачи на 68 отсто

Годишната стапка на инфлација во Турција се искачи на 68 отсто

Годишната стапка на инфлација во Турција надмина 68 отсто во март, достигнувајќи го највисокото ниво во последните 16 месеци, иако турската централна банка повторно ја зголеми основната каматна стапка во февруари за да се бори против инфлацијата.

На месечно ниво, инфлацијата во март изнесува 3,2 отсто.

Според официјалните податоци, годишната стапка на инфлација во март изнесувала 68,5 отсто, откако во февруари застанала на 67 отсто, пренесе француската новинска агенција АФП.

Минатиот месец најмногу пораснале трошоците за образование, здравствени услуги, превоз и храна.

На месечно ниво, потрошувачките цени во март пораснале за 3,2 отсто, што е помалку од февруари кога пораснале за 4,5 отсто.

Годишната стапка на инфлација зајакна петти месец по ред. По серијата зголемувања, турската централна банка ја задржа основната каматна стапка непроменета во јануари и објави дека нема да има дополнителни зголемувања, но потоа одлучи да ја зголеми каматната стапка за уште пет процентни поени на 50 отсто во февруари поради новиот пораст на инфлација.

Во меѓувреме, владата вети дека ќе ги контролира трошоците за да ја спречи инфлацијата.

„Ќе направиме се додека не ја достигнеме нашата цел, а тоа е стабилност на цените. Ова е наш приоритет“, изјави турскиот министер за финансии Мехмет Шимшек, пренесува АФП.

Стапката на инфлација во Турција во октомври 2022 година достигна повеќедецениско високо ниво и се искачи на 85 проценти. Потоа се намали, но подоцна повторно почна да расте постојано.

Ова е причината зошто Партијата на правдата и развојот (АКП) на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган мораше да го признае поразот на неодамнешните локални избори во Турција.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП