30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНад 100 илјади работници во Македонија бараат работа, а се погласно се...

Над 100 илјади работници во Македонија бараат работа, а се погласно се зборува како ќе увезуваме работна сила од странство!

За една година во приватниот сектор бројот на вработени се зголемил за само 1,5 отсто. Во секторот енергетика има раст на бројот на вработени од 0,7 отсто, во преработувачката индустрија 1,2 отсто, а во рударскиот сектор растот на вработени е над пет отсто. Во исто време дел од индустриите веќе обезбедиле работен кадар од странство. Бизнис секторот е дециден дека ситуацијата е алармантна, а државата мора да посвети повеќе внимание на соработката помеѓу образовниот сектор и стопанството.

Намалениот интерес на граѓаните за работа во индустријата продолжува и оваа година. Се помалку граѓани а особено млади луѓе се заинтересирани да работат во фабриките. Податоците на Државниот завод за статистика покажува дека во преработувачката индустрија каде работат најмногу лица од земјава на годишно растот на бројот на вработени изнесува само 1,2 отсто.

„Индексот на бројот на работниците во индустријата во февруари 2024 година, во однос на февруари 2023 година, изнесува 1.5 отсто. Бројот на работниците во секторот Рударство и вадење на камен во февруари 2024 година, во однос на февруари 2023 година, бележи пораст од 5.8 %, во секторот, преработувачка индустрија пораст од 1.2 %, а во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 0.7 %. Според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во февруари 2024 година, во однос на февруари 2023 година, бележи пораст кај Енергија за 4.4 %, Капитални производи за 14.7 % и Tрајни производи за широка потрошувачка за 6.0 %, додека опаѓање бележи кај Интермедијарни производи, освен енергија за 6.8 % и  нетрајни производи за широка потрошувачка за 3.4 %.Индексот на бројот на работниците во индустријата во периодот јануари – февруари 2024 година, во однос на периодот јануари – февруари 2023 година, изнесува 102.0.“, се наведува во извештајот на ДЗС.

Од Организацијата на работодавачи за Денар велат дека со години наназад се обидуваат да ја зголемат соработката со средните стручни училишта. Преку обуки, пракси да ги анимираат средношколците преку дејностите кои се потребни во стопанството, меѓутоа бизнисот вели дека желбите на младите луѓе за нивната кариера не се да работат во индустријата. Мора итно да се најде решение и покрај тоа што во Агенцијата за вработување има стотици илјади активни баратели на работа, тоа што се нуди на компаниите не е  ниту приближно блиску до посакуваниот или потребниот кадар. Бизнисмените се жалат дека и покрај тоа што на неквалификуваниот работник ќе му се даде можност да научи некој занает, некаква дејност, и потоа за брзо време си заминува, најчесто во странство.

„Се уште на голем дел од граѓаните повеќе им одговара да бидат дел од сивата зона, да работат непријавени за да не изгубат други бенефиции кои ги добиваат од државата. Тоа е поразително за оние работодавачи кои ги примаат на работа тие луѓе. Тоа е надвор од здравото функционирање на државата, на системот, со тоа се нарушува самиот пензиски систем. Затоа сметаме дека младите луѓе треба да се едуцираат и да им се потенцираат негативните ефекти кои ги носи работењето на црно, а тоа е и обврска и правило како се сака државата и како се почитуваат законите, и мора да придонесуваме сите во буџетот за да можеме да ги користиме сите бенефиции кои ги дава државата“, велат од Организација на работодавачи

 А податоците на државната статистика велат дека во моментов има над 100 илјади граѓани во Македонија кои активно бараат работа. Податоците пак на Агенцијата за вработување се дека на пазарот на труд недостасуваат околу 10 илјади работници. Тоа значи дека за едно работно место треба да конкурираат во просек околу 10 лица, а се почести се најавите дека ќе мора да се увезе работна сила од странство. Тука се отвора прашањето, каде се тие 100 илјади невработени, работат на црно, во странство, или поубаво им е да седат дома?!

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП