27 април, 2024
ПочетнаЛУКСУЗ И ПАТУВАЊЕМакедонците добиваат посебен третман во Врање – слободна маса отсега ќе имаат...

Македонците добиваат посебен третман во Врање – слободна маса отсега ќе имаат во секое време!

Во последно време, трговските текови меѓу градовите на Балканот се променија, откако скопјани почнаа сè почесто да го посетуваат Врање за шопинг и за уживање во вкусната скара, додека жителите на Врање патуваат во Македонија за да купат евтин бензин и цигари.

„Барем еднаш месечно се трудам да го однесам семејството во Врање на шопинг и на вкусна скара. Но, во последно време, многу наши сограѓани почнаа да го прават истото и станува сè потешко да се најде слободно место во рестораните, особено во викендите. Еве, погледнете ги регистарските ознаки на автомобилите. Секое второ возило е од Македонија”, изјави еден скопјанец кого го сретнавме на паркингот пред Лидл во Врање.

Со зголемената популарност на шопинг туризмот, локалните власти и бизниси се обидуваат да се прилагодат на новите услови.

Па така, рестораните во Врање веќе започнаа да резервираат места за македонските посетители.
„Планираме да ги прошириме нашите капацитети и да воведеме систем за онлајн резервации. Сакаме да се осигураме дека секој наш гостин ќе има удобно и пријатно искуство. Искрено, душата ме боли кога ги враќаме гостите поради тоа што нема слободна маса. А замислете, тие запалиле автомобил и тргнале дури од Скопје или од Куманово за да ручаат во мојата кафана, а јас не можам да им удоволам. Затоа, наскоро овие проблеми ќе станат минато”, ни изјави сопственикот на еден популарен ресторан во Врање.

Од друга страна, пак, жител на Врање сподели дека редовно патува до Куманово за да полни гориво и да купи цигари.

„Не само што е поевтино, туку и квалитетот на бензинот е подобар. Исто така, цената на цигарите е далеку пониска во Македонија отколку кај нас. Секогаш кога одам во Македонија, купувам штека цигари за мене и за сопругата. И така штедиме“, ни изјави нашиот соговорник.

Овој феномен на шопинг туризам не само што ги зближува граѓаните на двете гранични области, туку и ја засилува локалната економија на обете страни.

Сепак, оваа промена во потрошувачките навики си има и свои предизвици, како што се преполни ресторани и бензински станици, што бара дополнително планирање и стратегија од локалните власти.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП