27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНе знае да држи мистрија, а се претставува како мајстор – внимателно...

Не знае да држи мистрија, а се претставува како мајстор – внимателно бирајте ги мајсторите пред да ги ангажирате

Во последните години, пазарот на занаетчиски услуги во Скопје се соочува со пораст на бројот на неквалификувани лица кои се претставуваат за мајстори.

Граѓаните често се жалат дека се принудени да плаќаат двојно повеќе пари за услуги кои не ги задоволуваат нивните очекувања.

„Сè повеќе се соочуваме со конкуренција од луѓе кои го немаат потребното искуство“, ни изјави Владимир Савиќ, професионален плочкар од Скопје.

Тој се жали дека на пазарот се појавиле многу плочкари кои немаат искуство и кои се далеку од мајстори, но трудејќи се да заработат некоја пара, им се претставуваат на луѓето како искусни мајстори.

Слична забелешка има и Јован Веселиновски, ѕидар со долгогодишно искуство.

„Во периодот на приватизацијата се појавија најмногу лажни мајстори. И сега има многу такви измамници, но тогаш беше претерано. Кога многу луѓе останаа без работа, единственото решение за многумина беше да почнат занаетчиска работа иако досега никогаш не работеле нешто слично. Тогаш се појавија многу молери, гипсери, плочкари, водоводџии, столари. Едноставно, немаше што да се прави, мораше човек да заработи за да преживее. А и сега не е нешто различно. Во време кога квалификуваните мајстори заминаа на печалба во странство и кога е многу тешко да се најде добар мајстор, природно е луѓето да се обидат да ја искористат шансата за да заработат“, објаснува Веселиновски.

Овој тренд предизвикува загриженост кај потрошувачите, кои се чувствуваат измамени и несигурни во квалитетот на работата што ја добиваат.

Според анкетите, многу граѓани сметаат дека оваа ситуација ја намалува довербата во занаетчиските услуги и придонесува кон негативната перцепција на овој сектор.

За да се справат со овој проблем, потрошувачите се советуваат да бараат препораки и да вршат темелна проверка на искуството и квалификациите на занаетчиите пред да склучат договор за работа.

Во меѓувреме, занаетчиите кои се почитувани во својата област се обидуваат да ја заштитат својата репутација и да ги едуцираат потрошувачите за важноста на изборот на квалификувани професионалци.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП