Дали знаете што е кувер? Тоа е тајната ставка на сметката во ресторанот која никогаш не ја нарачувате, а сепак ја плаќате.
Во последно време, со зголемувањето на инфлацијата и цените на храната кои достигнуваат нови врвови, угостителите се снаоѓаат на различни начини за да ја зголемат својата заработка.
Но, што точно претставува куверот на сметката и колку чини?
Куверот (le couvert) потекнува од Франција и оригинално означува основен прибор за јадење: чаршаф, прибор за јадење, салфетки, чаши и слично.
Главните виновници за воведувањето на наплатата на оваа ставка се, секако, француските угостители кои ги сметале трошоците за одржување на инвентарот, особено перењето на чаршафот како оправдана причина за оваа наплата.
Со текот на времето, куверот станал синоним за дополнителни услуги како што се парчиња леб или путер кои се служат на масата додека гостите го чекаат главното јадење.
Во Белград, на пример, куверот во некои ресторани се наплаќа од 100 до 500 динари и најчесто вклучува различни видови леб или пецива и некаков вид на намаз – крем сир, маслиново масло или путер.
Сепак, оваа практика предизвикала негодување кај гостите, бидејќи се смета за непотребен и неоправдан данок без можност за избор.
За да ги смират гостите, српските угостители почнале да служат и масло, потпечен леб и зачини, со цел да го задоволат гладот на гостите додека ги очекуваат останатите јадења.
Но, оваа практика не е прифатена од сите и често предизвикува конфузија и незадоволство кај клиентите кои се изненадени од „скриениот трошок“ на својата сметка.
Важно е да се напомене дека куверот треба да биде јасно наведен на менито или да биде објаснет од страна на персоналот при нарачувањето, за да се избегнат недоразбирања и да се обезбеди транспарентност во услугата.
Б.З.М.