28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАХрватска и врати на Македонија четири пратки со зеленчук, биле откриени штетни...

Хрватска и врати на Македонија четири пратки со зеленчук, биле откриени штетни пестициди

Околу 30 пратки со овошје и зеленчук наменети за хрватскиот пазар годинава и лани биле контаминирани со штетни и канцерогени хемикалии. До оваа бројка дојде хрватскиот портал Даница анализирајќи ги сите комуникации на Европскиот систем за брзо предупредување во сообраќајот со храна и Хрватската агенција за земјоделство и храна во текот на оваа и претходната година.

Овошјето и зеленчукот третирани со штетни пестициди главно биле стопирани веќе на хрватската граница, но некои производи сепак стигнале до полиците.

Според бројот на пратки со контаминирано овошје и зеленчук наменети за хрватскиот пазар, Турција е очигледно во водство. Лани и годинава во 11 наврати биле откриени штетни пестициди. Три пати во круши, двапати во лимони и суви смокви и по еднаш во мандарини, пиперки, домати и грејпфрут.

На второ место е Северна Македонија со четири пратки – двапати зелена салата и по еднаш свеж морков и пиперки.

Во три наврати кај хрватските мандарини бил откриен штетен и забранет пестицид, а спорни се две пратки домати и млад кромид од Албанија.

Египет испратил контаминирани пратки со свежи моркови и бел грав. Туршијата пристигнала од Србија, лиметите од Бразил, оризот од Пакистан и Индија, свежите сливи од Полска, крушите од Кина, ф’стаците од Холандија.

По хлорпирифос, кој е убедливо најзастапен, следуваат фосмет, фенамифос и форматанат. Сите тие се забранети за употреба во Европската унија поради бројни студии кои ја докажуваат нивната штетност по здравјето на луѓето. Не смеат да се појават ниту во храната од увоз. Хлорпирифос е забранет за употреба во ЕУ од 2020 година поради неговиот генотоксичен потенцијал и развојната невротоксичност кај цицачите. Бројни научни студии покажаа дека изложеноста на хлорпирифос може да влијае на невролошкиот развој на децата и да го оштети нероденото дете.

Тие го поврзуваат со нарушувања во развојот на мозокот, хиперактивност, ретардација на растот, намален коефициент на интелигенција.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП