28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАФЕД повторно без промена на каматните стапки

ФЕД повторно без промена на каматните стапки

Федералните резерви на САД(ФЕД) во средата одлучија да ја задржат својата основна каматна стапка непроменета и останаа на прогнозата за три намалувања на каматните стапки оваа година, и покрај знаците дека инфлацијата може да остане покачена подолго време. Претставниците на ФЕД, исто така, ги зголемија своите проценки за економскиот раст и инфлацијата оваа година.

Референтната краткорочна каматна стапка на Банката на федерални резерви остана на највисокото ниво во последните 23 години од 5,25 до 5,50 отсто, откако Федералниот комитет за отворен пазар (FOMC) не направи промена веќе петти по ред состанок, пишува USA Today.

По спроведувањето на серија зголемувања на каматните стапки од 2022 година, кои дотогаш беа нула, централната банка ја продолжи паузата од јули, бидејќи растот на потрошувачките цени значително се ублажи. Одлуката од средата значи дека Американците ќе продолжат да плаќаат високи трошоци за задолжување бидејќи ФЕД се обидува да го забави остриот пораст на цените.

Во изјавата по дводневниот состанок на FOMC, ФЕД повтори дека „не очекува да биде соодветно да се намали целниот опсег додека не се добие поголема доверба дека инфлацијата одржливо се движи кон целта од два проценти“. Да потсетиме дека инфлацијата во САД неочекувано порасна на 3,2 отсто во февруари, иако економистите предвидуваа дека годишниот раст на цените ќе остане непроменет во споредба со јануарската стапка од 3,1 отсто.

Претставниците на ФЕД ја задржаа својата проекција дека ќе ја намалат стапката за три четвртини од процентниот поен, односно на 4,50 до 4,75 отсто до крајот на годината. Тоа би можело да поттикне оптимистички сентимент на берзата, која веќе достигна нови максимални вредности поради изгледите за намалување на каматните стапки.

ФЕД соопшти дека очекува економијата да порасне за 2,1 отсто во 2024 година, што е значително над претходните проценки од 1,4 отсто. ФЕД предвиде раст од два отсто следната година, во споредба со претходната проекција од 1,8 отсто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП