7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЃубрарината поскапува за 400 денари годишно – граѓаните сакаат почиста околина за...

Ѓубрарината поскапува за 400 денари годишно – граѓаните сакаат почиста околина за возврат

Досега, жителите на руралните делови на Скопје, каде што нема поставено контејнери на улиците, плаќаа одредена сума месечно за ѓубраџиите да им го собираат ѓубрето еднаш во неделата.

Од месец март, правилата се менуваат, и тоа не во корист на граѓаните.

Според новите прописи, секоја куќа ќе треба да плаќа околу 3.200 денари годишно за ѓубрарина, во споредба со цената од претходните месеци која изнесуваше околу 2.800 денари.

Оваа промена важи за населбите како Волково, Ново Село, Даме Груев, Стопански Двор, Илинден, Петровец и други, каде што приватни компании го собираат ѓубрето директно од дворот на граѓаните и го истураат во депонијата „Дрисла“.

Жител на скопско Марино не гледа проблем во зголемувањето на цената ако тоа значи дека нема да има ѓубре на улиците и нема да има диви депонии.

„Цената не ме загрижува, но барам екипите да го собираат ѓубрето редовно и педантно. Не сакам да се претвориме во една голема депонија“, ни изјави тој.

Слично мислење дели и жител на скопско Волково, кој исто така бара прецизност во собирањето на ѓубрето.

„Иако подолго време активно бараме, упорно не добиваме контејнери на улиците. Еднаш во неделата поминува камион и го собира ѓубрето од дворовите. И засега тоа добро функционира, но има семејства кои не сакаат да плаќаат за ѓубрарина и го фрлаат ѓубрето покрај улиците, во нивите, во реката Лепенец, создавајќи диви депонии. Не е проблем тоа што цената е зголемена, ама мора да се реши овој проблем. Не е во ред да плаќаме за ѓубрарина, а насекаде да гледаме ѓубре по улиците. Нека си го реши општината ваквиот проблем, нека почнат да казнуваат“, изјави за Денар жител на скопско Волково.

Иако промената на цената за ѓубрарина може да предизвика и незадоволство кај дел од граѓаните, сепак, најважно од сè е да се најде баланс помеѓу цената и квалитетот на услугата за чиста околина.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП