27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРастат на индексите на Wall Street: S&P 500 скокна на ново рекордно...

Растат на индексите на Wall Street: S&P 500 скокна на ново рекордно ниво

На Wall Street вчера индексот S&P 500 скокна на ново рекордно високо ниво, благодарение на растот на цените на акциите во технолошкиот сектор, додека новите податоци покажаа дека инфлацијата во САД благо зајакна.

Dow Jones зајакна 0,61 отсто, на 39.005 поени, додека S&P 500 скокна за 1,12 отсто, на 5.175 поени, а индексот Nasdaq порасна за 1,54 отсто, на 16.265 поени.

Ѕвезда на денот вчера беа акциите на Oracle, чија цена скокна за речиси 12 отсто на рекордно ниво, откако технолошкиот гигант објави подобри од очекуваните квартални резултати.

По два дена пад, вчера силно пораснаа и цените на акциите на производителите на чипови, а најмногу Nvidia за повеќе од 7 отсто. Затоа, инвеститорите не беа обесхрабрени ниту од мало зголемување на инфлацијата во САД. Вчера беше објавено дека во февруари потрошувачките цени се зголемени за 0,4 отсто на месечно и 3,2 отсто на годишно ниво.

И покрај стагнацијата, па дури и благото зголемување на инфлацијата во последните два месеци, на пазарот се уште стои ставот дека американската централна банка би можела да започне со намалување на каматните стапки во јуни.

-На пазарот преовладуваше ставот дека не е толку важно кога ФЕД ќе почне да ги намалува каматните стапки, туку за колку ќе ги намали. А дали тоа ќе биде во мај, како што се надеваа инвеститорите, или во септември, не е толку важно. Поважно, каматните стапки наскоро ќе бидат намалени, вели Оливер Пурше, потпретседател во Wealthspire Advisors.

Тој, исто така, посочува дека економијата постојано расте и дека, според сите оценки, ќе ја избегне рецесијата.

-Повеќе сакам економијата да е силна, иако со покачени каматни стапки, отколку да е слаба и да има потреба од подобрувања, вели Пурше.

И на европските берзи вчера поскапеа акциите. Лондонски FTSE индекс зајакна 1,02 отсто, на 7.747 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 1,23 отсто, на 17.965 поени, а париски CAC 0,84 отсто, на 8.087 поени.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП