4 мај, 2024
ПочетнаЛУКСУЗ И ПАТУВАЊЕЛуксузот си има цена, поскапуваат тетоважите – еве колку чини почетната цена,...

Луксузот си има цена, поскапуваат тетоважите – еве колку чини почетната цена, а колку сеансата

Тетоважите, кои се долгогодишен израз на индивидуалност и стил, стануваат сè попопуларни во нашето опкружување.

Тетоважа во чест на новородената ќерка или син, тетоважа во чест на таткото или мајката, тетоважа во чест на штотуку склучениот брак, тетоважа со и без никакво значење…

Речиси секој втор човек во земјава има тетоважа на раката, ногата, грбот или на вратот, но дали ваквиот тренд ќе продолжи и по најновото поскапување на ваквиот луксуз?

Дали сте забележале дека цените на тетоважите се зголемуваат?

На оваа тема разговаравме со познат тату-артист од Скопје кој ни раскажа за промените во цените и причините за поскапувањето.

Тој ни објасни дека досега почетната цена за тетовирање во Скопје изнесувала 1.500 денари. Но, поради неколку фактори, таа цена сега е зголемена на 2.500 денари.

„Сè е поскапено, па моравме и ние да се прилагодиме на новата ситуација. Почетната цена на тетоважа сега изнесува 2.500 денари, а само до пред некој месец изнесуваше 1.500 денари. Тоа значи дека со самото отворање на иглата, вие веќе треба да платите 2.500 денари. Дури и да сакате да истетовирате една најобична точка, вие ќе треба да платите 2.500 денари. Освен почетната цена, поскапување има и на сеансите кои обично траат околу 6 часа активно тетовирање. Па така, доколку цената на една сеанса до пред неколку месеци изнесуваше 200 евра, сега изнесува најмалку 300 евра, иако тоа е релативно во зависност од тату-артистот“, објаснува нашиот соговорник.

Тој додава дека главната причина за поскапувањето на тетоважите е општата скапотија и инфлација.

„Растот на цените на суровините и услугите влијае на сите индустрии, вклучувајќи ги и тетоважите. Приморани сме да ги адаптираме цените според оваа реалност. Во текот на годините, инфлацијата влијае на вредноста на парите. Затоа мораме да ги зголемиме цените за да останеме рентабилни. А и давачките и даноците се дополнителен фактор кој влијае на цените. Тату-артистите мораат да ги покријат овие трошоци. Некои од нас плаќаат и висока криија, а и сметките за електрична енергија не се за занемарување, особено во зимскиот период кога се вклучува греење. Самите овие давачки се дел од трошоците кои се рефлектираат на цените. Од друга страна, пак, тетоважите не се само уметност, туку и инвестиција во себе. Ние, како тату-артисти, се обидуваме да ги задоволиме потребите на клиентите, но и да останеме одговорни и професионални. Сега, кога знаете за причините зад поскапувањето, следете ги вашите желби и изразете го својот стил со тетоважа која ќе ве дефинира“, порачува тату-артистот.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП