2 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАПешаците не треба да внимаваат на вировите, туку возачите – еве што...

Пешаците не треба да внимаваат на вировите, туку возачите – еве што да сторите ако некој ве испрска на улица

Ако некогаш ви се случило да бидете „истуширани“ од глава до пети додека безгрижно си пешачите по улица, а притоа возачот на автомобилот што ве испрскал немал храброст ни да застане за да ви се извини, туку баш напротив, стиснал на педалата за гас и побегнал од „местото на злосторот“, тогаш овој текст е токму за вас.

Оти, не станува збор за класичен текст, туку повеќе наликува на едукативен текст за тоа што треба да сторите и како да се однесувате доколку ве снајде таква несреќа на улица.

Прво да расчистиме: за жал, за оваа проблематика не може да се направи многу, бидејќи за да биде санкциониран некој од возачите, тој мора на самото место да биде „уловен“ од полициски службеник.

Во спротивно, не можете да докажете дека токму тој возач со неговото возило ве испрскал на улица, дури и доколку е снимен од околните камери.

Како што брифираат полициски службеници за Денар, доколку полицаецот е сведок на прскањето, тогаш невнимателниот возач може да добие опомена и евентуално казна од 35 евра. Ако, пак, нема сведоци, тогаш полицијата најчесто не се презема ништо, оти нема докази.

Екипата на Денар разговараше со средовечна скопјанка која ја снашло таква несреќа.

„Мене лично, пред два дена ми се случи да излезам за да чекам автобус за на работа, но одејќи кон автобуската станица, помина возило низ вода и ме испрска. Морав да се вратам дома за да ја сменам облеката и затоа доцнев на работа. Уште пострашно е што не добив ниту извини, туку возилото си замина како ништо да не се случило. Немав време да ја запишам ни регистрацијата, толку брзо возеше“ – раскажува Верица Настовска од Аеродром.

Според неа, треба да се изнајде начин за да се санкционираат ваквите случаи.

Полицијата, пак, препорачува на граѓаните да внимаваат на својата безбедност на улиците и да бидат внимателни, бидејќи без силни докази, тешко може да се докаже кој возач го испрскал пешакот или велос

Во продолжение ви пренесуваме неколку совети како да постапите ако некое возило ве „истушира“ на улица:

Запишете ги деталите: Ако сте жртва на прскање од возило, обидете се да запишете што повеќе детали. Запомнете ја регистрацијата на возилото, бојата, марката и моделот. Ова може да ви помогне ако одлучите да пријавите инцидентот во полиција.

Пријавете во полиција: Иако може да ви се чини малку веројатно, пријавете го инцидентот во полиција. Доколку имате доволно информации за возилото, може да го пријавите. Полицијата ќе направи записник за инцидентот.

Фотографии и видео докази: Ако имате мобилен телефон со камера, направете фотографии или видео од возилото и ситуацијата. Ова може да биде корисно доказно средство ако се одлучите да го пријавите инцидентот.

Изјава од сведок: Ако има други луѓе на местото на инцидентот, прашајте дали се согласни да бидат сведоци. Изјавата од сведок може да биде важна дополнителна информација.

Од Министерството за внатрешни работи, пак, неофицијално информираат дека во случај да се забележи ваков прекршок, полицијата постапува во согласност со членот 124 став 2 од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, а казнената одредба е по членот 124 став 3 од наведениот закон.

„Ако прекршокот е утврден од страна на полициски службеник лично или со соодветни технички средства, тогаш на прекршителот му се издава прекршочен платен налог за уплата на предвидената глоба во согласност со Законот. Во случај ако прекршокот не е констатиран од страна на полициски службеник или со помош на соодветни технички средства, тогаш пешакот може да пријави во полициска станица каде што се составува записник за прием на пријава и доколку се обезбедат докази, на прекршителот му се издава прекршочен платен налог во согласност со наведената процедура“, велат од МВР.
Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП