Банките се должни, на граѓаните, пред да пристапат кон користење на платежните услуги, да им дадат т.н. информативен документ со стандардизирана структура, поими, термини и дефиниции, за надоместоците коишто им ги наплаќаат. Целта е на граѓаните да им се даде поширока информација и можност за споредба на надоместоците, пред да донесат одлука од која банка ќе користат платежни услуги, посочува заменик-директорката на Дирекцијата за платни системи, при Народната банка, Биљана Доновска-Гечева, во гостување на телевизија Канал 5.
„Законот за платежни услуги и платни системи има за цел да ја осигури транспарентноста и заштитата на потрошувачите. Во согласност со Законот, Народната банка пропиша единаесет најрепрезентативни услуги коишто се поврзани со платежната сметка и овозможуваат споредба на надоместоците. Од септември минатата година, на веб-страницата на Народната банка е поставена алатка преку која граѓаните може да ги споредат надоместоците коишто ги наплаќаат давателите на платежните услуги, според банката или според видот на услугата. Алатката е едноставна за користење, но доколку на граѓаните им се потребни дополнителни информации, исто така содржи и објаснувања“, вели Доновска-Гечева.

