Граѓаните во кое било време можат да ги затворат платежните сметки и платежните картички, при што банките не смеат да наплатат надоместок за тоа, доколку договорот којшто клиентот го има со банката е постар од шест месеци. На барање на клиентот, банката е должна веднаш да ја затвори сметката, но доколку во договорот е предвиден отказен рок, тогаш банката има рок најмногу 30 дена за прекинување на услугата, којшто е утврден со новиот Закон за платежни услуги и платни системи, објаснува директорот на Дирекцијата за платни системи при Народната банка, Игор Величковски, во интервју за емисијата „Само прашај“ на Институтот за комуникациски студии.
Правата и обврските за платежните услуги, како за банките, така и за граѓаните се уредуваат со рамковен договор. Оттаму, многу е важно граѓаните внимателно да го прочитаат пред да го потпишат. Доколку банката не обезбедува услуги во согласност со рамковниот договор, или, пак, надоместоците коишто ги наплатува не се во согласност со прописите, граѓаните имаат право да поднесат приговор до банката, како и поплака до Народната банка којашто соодветно ќе биде разгледана, укажува директорот Величковски. Тој посочува и дека граѓаните имаат право да ги заменат старите договори коишто ги склучиле пред примената на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, односно пред 1 јануари 2023 и да ги заменат со нови рамковни договори, со што би обезбедиле поголема правна заштита.

