27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПриватното кредитирање во Европа закрепнува

Приватното кредитирање во Европа закрепнува

Европската приватна кредитна активност се опоравува на нивоата последен пат забележани во средината на 2022-ра година, покажаа новите податоци на „Deloitte“ објавени во вторникот.

Ова е знак дека инвеститорите повторно се свртуваат кон поризични корпоративни долгови бидејќи очекуваат Европската централна банка (ЕЦБ) да ги намали каматните стапки оваа година.

Приватните должнички фондови, кои претежно позајмуваат со високи каматни стапки на компании зафатени со долгови, поддржани со опција за повик, направиле 189 заеми во последниот квартал од 2023-та година, покажува статистиката на „Deloitte“. Ова е најголемиот број од вториот квартал на 2022-ра година, непосредно пред ЕЦБ да ја зголеми основната каматна стапка за прв пат.

Ендрју Круикшанк, директор во „Deloitte“ и автор на студијата, коментира дека обемот на зделки за приватни долгови веројатно ќе продолжи да се зголемува оваа година бидејќи кредитните пазари се отворија за поризични заемопримачи, иако каматните стапки на ЕЦБ се сè уште високи.

Пресвртот на приватните пазари, каде што бројот на зделки во Европа падна во вториот квартал од 2023-та година на најниско ниво од 2020-та година, одразуваше заживување и на пазарот за поризични корпоративни обврзници.

Продажба на обврзници без инвестициска оценка во Европа, т.е. издадени од компании чиј долг е оценет како шпекулативен порасна за 51% во јануари во однос на истиот месец минатата година, покажуваат податоците на рејтинг агенцијата „S&P Global“.

Инвеститорите во должнички инструменти поминаа голем дел од минатата година грижијќи се за тесните услови за финансирање кои ризикуваа послабите компании да не ги платат своите долгови. Индексот „iTraxx Europe Crossover“, кој ги мери трошоците за осигурување на неисполнување на обврските на кошница европски обврзници од неинвестициска класа, сега се тргува на најниско ниво во последните две години од 302 базични поени, што е намалување од 406 базични поени во септември 2023-та година.

Брзото олабавување на кредитните услови пред ЕЦБ дури и да ја намали основната стапка ги загрижи некои централни банкари. Членот на Управниот совет Изабел Шнабел на универзитетско предавање во Милано минатата недела коментираше дека финансиските услови значително се олабавија бидејќи пазарите очекуваат намалување на каматните стапки. Ова, според неа, бара поголема внимателност.

Во меѓувреме, европските компании го користат поповолниот прозорец за рефинансирање на постоечките заеми со пониски стапки. Една петтина од трансакциите на приватниот долг во Европа во последниот квартал од минатата година беа договори за рефинансирање, според „Deloitte“, наместо нови заеми.

Пол Вотерс, висок директор во „S&P“, вели дека трендот е широко распространет на должничките пазари бидејќи некои компании се загрижени за влошување на пазарното расположение подоцна во текот на годината.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП