1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЛагард: Дезинфлацискиот процес во моментов најверојатно ќе продолжи

Лагард: Дезинфлацискиот процес во моментов најверојатно ќе продолжи

Гувернерката на Европската централна банка Кристин Лагард изјави дека инфлацијата во еврозоната ќе продолжи да забавува, но дека на неа и на нејзините колеги им требаат повеќе докази дека растот на цените се враќа на целта.

Лагард им рече на пратениците на Европската унија во Стразбур дека притисоците врз платите остануваат силни и повтори дека платите веројатно ќе станат сè поважен двигател на динамиката на цените во наредните квартали.

„Се очекува сегашниот процес на дезинфлација да продолжи“, рече Лагард во понеделникот на пленарната дебата за годишниот извештај на регулаторот за 2022-ра година.

„Но, Управниот совет мора да биде уверен дека нашите активности ќе ни помогнат да ја достигнеме целта од 2 отсто“, додаде таа.

Лагард ги даде коментарите помалку од две недели пред следната одлука за каматната стапка на ЕЦБ и само три дена пред почетокот на еднонеделниот период во кој претставниците на регулаторот го прекинуваат јавното говорење за да ја донесат својата конечна одлука за стапката.

Сè поголем број централни банкари го гледаат јуни како најдобро време да се започне со олеснување, иако некои очекуваат претходен потег.

Пазарите на пари се обложуваат дека ЕЦБ ќе почне да ги намалува стапките еден месец пред да се помести Федералните резерви во јули, бидејќи ценовните притисоци во еврозоната се намалуваат побрзо од оние во САД.

Инфлацијата во областа на единствената валута забави во 2023-та година и ЕЦБ очекува трендот да продолжи и оваа година, иако забавувањето ќе биде поумерено. Економистите анкетирани од „Bloomberg“ очекуваа дека растот на цените ќе се забави на 2,5 отсто во февруари. Овие податоци ќе ги објави европската статистичка служба Евростат во петок.

Централните банкари ги гледаат трошоците за работна сила како главен двигател на инфлацијата на среден рок. Иако притисокот врз договорените плати се намали кон крајот на 2023-та година, новиот индикатор за прогноза покажува дека зголемените плати сè уште не покажуваат знаци на забавување.

Лагард минатата недела рече дека побавниот раст на платите во четвртиот квартал е „охрабрувачки“, но дека преговорите во следниот период ќе бидат клучни за одлуката за каматните стапки.

„Гулабите“* во Управниот совет се позагрижени поради тоа што економијата тесно ќе ја избегне рецесијата во втората половина на 2023-та година и се загрижени дека ќе ја пропуштат својата среднорочна цел за инфлација.

„Од гледна точка на европската економија, некои показатели за прогноза сугерираат дека таа веќе го достигна дното и треба да закрепне подоцна оваа година“, рече Лагард.

* Централните банкари кои веруваат дека инфлацијата е многу поголема неволја за економијата отколку бавниот раст и затоа ретко гласаат за намалување на каматните стапки се нарекуваат „јастреби“, а оние кои се склони да гласаат за намалување на каматните стапки и за стимулирање на економијата, се „ гулаби“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП