7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКако климатските промени влијаат на скијачките центри во Европа?

Како климатските промени влијаат на скијачките центри во Европа?

Пјетро Касартели почнал да скија на две години со сон да стане професионален спортист и да учествува на Светскиот куп во овој спорт. Италијанецот, кој сега има 18 години, вели дека климатските промени го отежнуваат и поскапуваат исполнувањето на неговите цели во спортот.

Затоплувањето на времето и пократката сезона ги загрозуваат зимските спортови и ја тестираат решителноста и на професионалците и на аматерите, пишува „Reuters“.

„Ако продолжиме да имаме вакви сезони, ќе мора да престанеме да работиме“, коментира Јосиан Семпе, сопственик на продавница за изнајмување скии во одморалиштето на границата меѓу Франција и Шпанија на Пиринеите.

Минатата година Касартели се запиша во камп за обука во Чиле, каде во текот на зимата паѓа обилен снег на Андите. Таа е една од ретките дестинации достапни за спортистите да тренираат за време на најжешките месеци во Европа, бидејќи рекордната топлина влијае дури и на највисоките глечери на континентот.

„Мораме да се справиме некако, дури и ако не можеме секогаш да тренираме најдобро“, изјави тој за агенцијата на враќање од трка во централна Италија.

Неговото патување во Чиле беше откажано бидејќи малку учесници можеа да си го дозволат тоа. Симона Новара, портпаролка на скијачкиот клуб Сестриере, каде што тренира и Касартели, вели дека месечниот тренинг може да чини до 8.000 евра по спортист.

Климатските промени го претвораат алпското скијање во елитен спорт во Европа бидејќи местата за зимски тренинзи се намалуваат. Речиси исчезнаа и летните патеки на голема височина, коментира Новара.

Според студијата на Меѓународната унија за биатлон (IBU), околу 60% од спортистите го почувствувале влијанието на климатските промени врз условите за обука и натпреварување. Организацијата наведува дека техничките способности за правење снег се услов за секое лиценцирано место за биатлон на високо ниво со цел да се организираат настани на потопли температури.

Во Шамони, Франција, историската победа на Швајцарецот Даниел Јуле во слалом во Светскиот куп за мажи беше засенета од топењето на снегот. Временските аномалии поврзани со климатските промени сега се вообичаени и понекогаш доведуваат до откажување на настани.

Непредвидливото време е уште поголем предизвик за зимските спортови од зголемувањето на температурите, додава Сузане Сеф, директорка за одржливост во Меѓународната скијачка федерација (ФИС). Големи бури се случуваат на секои четири до пет години, посочува таа.

ФИС мораше да откаже два скијачки натпревари во Германија и Франција овој месец поради влошување на времето. Светскиот куп во сноуборд беше на работ на бура што донесе рекордни снежни врнежи во Мамут, Калифорнија.

Како што се приближуваат Зимските олимписки игри 2026 во Кортина-Милано, се зголемуваат стравувањата дека климатските промени ќе ја загрозат организацијата.

„До средината на векот, практично ќе останат само 10-12 национални олимписки комитети кои би можеле да бидат домаќини на овие снежни настани“, според претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах.

Одморалиштето Хаутакам, кое се наоѓа на француските Пиринеи, има околу 20 патеки и е преименувано во „Hautacam Plage“ на каналите на социјалните мрежи. На сликите се гледаат лежалки и скари наместо бели падини и топло чоколадо.

„Дали ова ќе биде развојот на нашето одморалиште во зима? Не знам, тешко е да се одговори на тоа прашање“, коментира Мари-Флорентин Хулин, менаџер за комуникации и маркетинг во одморалиштето.

Француската јавна ревизорска служба предупредува дека економскиот модел за скијачките центри во земјата се снемува поради климатските промени и дека повеќето одморалишта најверојатно ќе бидат погодени до 2050-та година. Најтешко ќе бидат погодени областите јужно од Алпите.

„Ситуацијата со снег веројатно ќе се влоши, па мораме да се прилагодиме на тоа и да бараме други активности во природата, како возење велосипед или планинарење“, вели Стефан Реми, гостин на Отакам.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП