Со секој поминат ден, животот на граѓаните на Македонија станува сè потежок и понеиздржлив. Според последните податоци, индексот на потрошувачки цени во јануари 2024 година бил за 8,3% поголем од истиот месец во 2023 година. Ова значи дека цените на основните производи и услуги се зголемиле драстично, додека платите и пензиите останале исти или се намалиле.
Еден од најпогодените сектори од оваа економска криза е прехранбената индустрија. Според анализите, цените на храната во Македонија се зголемиле за 15% во последните шест месеци, а за некои производи и до 30%.
Ова влијае на квалитетот и количината на храната што ја консумираат граѓаните, кои се принудени да бираат полоша и поевтина храна, или да јадат помалку.
Еден од тие граѓани е и Сашо П., 42-годишен скопјанец, кој работи како продавач во трафика во Скопје.
Тој вели дека неговото семејство, кое го сочинуваат четири лица, се бори да го помине месецот со неговата плата од 25.000 денари.
„Секој ден се соочуваме со избор: да купиме поквалитетна храна, но да јадеме помалку, или да купиме поевтина храна, но да јадеме повеќе. Најчесто го бираме второто, бидејќи не можеме да останеме гладни. Но тоа не значи дека сме задоволни со тоа што го јадеме. Често купуваме храна која е на истек на рокот, или која е лошо складирана. Знаеме дека тоа не е добро за нашето здравје, но немаме друг избор“, вели Сашо.
Тој додава дека не само храната, туку и други трошоци за живот се зголемиле, како сметките за струја, греење, вода, транспорт, облека…
„Се одрекуваме од сè што можеме, само да преживееме. Многу често седиме во студено покриени со ќебиња, не излегуваме, не купуваме ништо ново. Животот ни се сведе на минимум. Не знам како ќе издржиме уште долго вака“, вели тој.
На оваа тема неодамна говореше и Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Најлошото од се, нагласи Трендафилов, е дека се намалува од квалитетот на живот.
„Бирате полоша храна, и поевтина, бирате да не го затоплите домот, да седите во студено, бирате да не посетувате културни манифестации. Значи да го изоставите културниот живот, како и спортските и други образовни процеси за децата. Оваа пресметка покажува дека платите се ниски, дека функционерите кога се фалат со промотивни спотови дека не ја гледаат реалноста, дека реалноста е сосема друга. Реалноста е дека сè повеќе имате сиромашни граѓани во Македонија, рече Трендафилов.
Б.З.М.