27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГерманската влада одобри намалување на прогнозата за раст

Германската влада одобри намалување на прогнозата за раст

Германскиот кабинет го одобри економскиот извештај во кој прогнозата за раст во 2024-та година е намалена на 0,2%.

Информацијата ја објавија владини извори, цитирани од „Reuters“.

Причините за намалувањето на прогнозата за раст се слабата глобална побарувачка, геополитичката неизвесност и постојано високата инфлација.

Претходната прогноза на владата од октомври минатата година предвидуваше дека најголемата европска економија, која се колебаше меѓу стагнација и рецесија во последните квартали, ќе порасне за 1,3% во оваа година.

Во 2023-та година, германската економија се намали за 0,3%.

Министерот за економија Роберт Хабек веќе ја потврди ревидираната прогноза и се очекува да даде дополнителни детали во годишниот економски извештај подоцна денеска.

„Германската економија продолжува да доживува тешкотии на почетокот на годината“, се вели во нацрт-извештајот што го видел „Reuters“.

„Германските економски советници планираат да го следат примерот на сојузната влада и да ја намалат својата прогноза за економскиот раст во 2024-та година“, рече советничката Улрике Малмендиер во интервју за агенцијата.

Според ноемвриската прогноза на Советот до Владата, растот ќе достигне само 0,7 отсто во 2024 година.

Следното официјално ажурирање се очекува во средината на мај.

Пред само два дена, Бундесбанката соопшти дека Германија е веројатно во рецесија бидејќи странската побарувачка е слаба, потрошувачите се претпазливи, а домашните инвестиции се попречени од високите трошоци за задолжување.

„Во првиот квартал од 2024-та година, производството повторно може благо да се намали. Со втор последователен пад, германската економија ќе биде во техничка рецесија“, се додава во извештајот, цитиран од „Reuters“.

Според владата, земјата е во очи на „совршена бура“ од високи трошоци за енергија, слаба побарувачка и брза инфлација што привремено го забавува растот, но не ја доведува во прашање економската стратегија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП