2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕИБ ќе обезбеди советодавна поддршка за Народната банка на Северна Македонија

ЕИБ ќе обезбеди советодавна поддршка за Народната банка на Северна Македонија

ЕИБ Глобално, развојниот огранок на Европската инвестициска банка за активности надвор од Европската Унија, потпиша договор за соработка со Народната банка на Северна Македонија во рамките на програмата „Зазеленување на финансиските системи“ или ЗФС. Договорот ќе овозможи обезбедување советодавни услуги на Народната банка наменети за подобрување на нејзините регулаторни и супервизорски практики за управување со климатскиот ризик, како и на известувачките капацитети на финансискиот сектор во земјата. Овие активности ќе им помогнат на локалните банки да ја разберат изложеноста на климатските ризици на компаниите во Северна Македонија и да ги поддржат нивните практики за одржливост.

Програмата ЗФС има за цел да ја поддржи транзицијата кон нето-нула и климатски отпорни финансиски системи, што е поволно за отклучување на климатската акција и промовирање на зелените инвестиции кај малите бизниси. Таа е финансирана од германската влада преку Меѓународниот фонд за климатска иницијатива на ЕИБ и се спроведува во соработка со NDC Partnership, глобална коалиција на земји и институции што соработуваат за поттикнување климатска акција. Како членка од 2022 година, Северна Македонија се обврза на 82 % намалување на емисиите на стакленички гасови до 2030 година во споредба со нивоата од 1990 година.

Киријакос Какурис, потпретседателот на ЕИБ, кој е одговорен за операциите во Северна Македонија, изјави: „Како дел од Тимот Европа, среќни сме што сме активен придонесувач за зелената транзиција и целите за одржливост на Северна Македонија. Договорот со Народната банка се заснова на одличната соработка воспоставена во последните неколку години. Тој ги надополнува другите наши активности во Северна Македонија, како што е „зелената“ кредитна линија потпишана во 2023 година со Развојната банка на Северна Македонија (РБСМ), како и проектите за одржлив транспорт, енергетска ефикасност и заштита на животната средина во рамките на Економскиот и инвестицискиот план. Овие активности имаат големо значење за Северна Македонија, која има за цел да стане дел од семејството на ЕУ и ги усогласува своите активности со Зелената агенда и Парискиот договор“.

Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на Народната банка на Северна Македонија, истакна дека од 2020 година Народната банка презема мерки и активности за поттикнување на финансирањето на зелената трансформација на нашата економија.

„Досегашните мерки и активности на Народната банка за поттикнување на зеленото финансирање, како и идните чекори се содржани во првиот Среднорочен акциски план за климатски промени на Народната банка. Неодамна, Народната банка донесе Насоки за управување со ризици поврзани со климата  забанките со цел да ја зајакне отпорноста на банкарскиот систем на климатски ризици. Првичните анализи за проценката на изложеноста на банкарскиот систем на физички и ризици поврзани со климата во транзиција, кои се потпираат на релевантните достапни податоци, се особено значајни и се очекува да се умножат во периодот што следи, заедно со подготовката на Прегледот на показателите за зелен раст“ – изјави Ангеловска-Бежоска.

Програмата ЗФС ќе ја дополни техничката помош што ЕИБ ја обезбедува за РБСМ и комерцијалните банки за поддршка на имплементацијата на зелената кредитна линија на ЕИБ од 100 милиони евра за македонските компании. Оваа неодамна започната програма за поддршка на климатските акции има за цел да ги изгради капацитетите на финансискиот сектор и малите и средните претпријатија во областа на зелените финансии. Оваа комбинација на финансиската и техничката поддршка на ЕИБ Глобално треба да придонесе за декарбонизација на приватниот сектор преку подобрување на пристапот до финансии за проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија на малите и средните претпријатија.

Германската амбасадорка во Северна Македонија, Петра Дрекслер, изјави: „Постојат три карактеристики кои се особено погодни за карактеризирање на денешните германско-македонски односи: цврсто европски, економски одржливи, климатски ориентирани. „Програмата за зазеленување на финансиските системи“ го илустрира ова на прекрасен начин. Финансискиот сектор игра клучна улога во приближувањето кон одржлива, отпорна глобална економија, која ги зачувува ресурсите. Без инвестиции во климатската отпорност, не може да има одржливи економии во иднина. Затоа, климатската акција е основен столб на германската надворешна политика. Благодарна сум на Европската инвестициска банка и на Народната банка на Северна Македонија што се наши партнери во ова“.

Шефот наделегацијата во Северна Македонија, амбасадорот, неговата екселенција, Давид Гир забележа: „Финансиските институции и регулаторите може да играат важна улога во акциите за борба против климатските промени. Со обезбедување приспособена техничка помош за Народната банка на Северна Македонија и локалните комерцијални банки, оваа програма ќе помогне во развојот на ефикасно зелено кредитирање и инвестиции во Северна Македонија, а со тоа ќе придонесе за климатските цели на земјата“.

ЕИБ Глобално, исто така, ќе се приклучи на Декларацијата на Инвестициската платформа за праведна транзиција за Северна Македонија, со цел да се обезбеди распоредување на 1,7 GW од земјата во нов капацитет за обновлива енергија до 2030 година. Покрај ова, Северна Македонија ќе биде една од пилот-земјите каде што ЕИБ ќе го имплементира својот нов пристап за праведна транзиција, со цел да ги зголеми финансирањето и советодавните услуги за поддршка на декарбонизацијата на глобално ниво.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП