28 април, 2024
ПочетнаАВТОБИЗЕвропските производители ги намалуваат цените на автомобилите: Причината е конкуренцијата

Европските производители ги намалуваат цените на автомобилите: Причината е конкуренцијата

Под притисок на конкуренцијата од Кина, производителите на автомобили Stellantis и Renault ќе настојуваат силно да ги намалат трошоците за производство на електрични возила со цел да постигнат слични цени и профитни маржи како моделите на фосилни горива, изјавија лидерите на индустријата за Ројтерс.

Растот на продажбата на електрични возила е забавен поради комбинацијата на недостаток на инфраструктура за полнење и високите цени, што ги остави европските производители да се борат да развијат подостапни електрични возила, првично поскапи од нивните еквиваленти на мотори со внатрешно согорување.

„Гледајќи на краток рок, веднаш би можел да ја зголемам продажбата на електрични возила едноставно со тоа што ќе ги оставам маржите да се намалат“, изјави извршниот директор на Stellantis, Карлос Таварес, на новинарите откако компанијата ги објави целогодишните резултати за 2023 година со предупредување за турбулентна година што претстои.

Пристигнувањето на поевтини кинески електрични возила ги принуди европските производители на автомобили да развиваат подостапни модели. „Се разбира, сите се обидуваат да ги намалат трошоците за електричните возила за да постигнат паритет во цената со моделите на мотори со внатрешно согорување“, изјави извршниот директор на Рено, Лука де Мео, на аналитичарите на прашањето за цените и профитабилноста.

Де Мео рече дека намалувањето на цените ќе биде полесно да се постигне за помалите автомобили, бидејќи производителите можат да ја намалат големината на батерискиот пакет, што обично додава до околу 40 проценти од цената на електричното возило. Следствено, тоа значи дека цените ќе останат повисоки за возилата со поголеми батерии. Сепак, европските производители се соочуваат со деликатен чин на балансирање да ги намалат цените на нивните електрични возила, додека прво треба да ги намалат трошоците за да го остварат потребниот профит.

Во октомври минатата година, брендот Citroen на Stellantis го претстави новиот електричен SUV e-C3, евтин модел со почетна цена од 23.300 евра како адут против кинеската конкуренција на пазарот на електрични возила со пристапни цени. „Нашата мисија е да ги намалиме трошоците што е можно побрзо за да ги апсорбираме дополнителните трошоци за електрификација и да продаваме возила по иста цена како и автомобилите со мотори со внатрешно согорување бидејќи Кинезите знаат како да го направат тоа“, рече Таварес.

Благодарение на пониските цени за суровините за батерии, Таварес рече дека маргините помеѓу моделите на електрични и фосилни горива „се приближуваат“ и дека сакаат да го забрзаат тој процес. Fiat 500 моментално започнува од 16.790 фунти (21.066 долари) во Британија, додека електричниот e500 започнува од 28.195 фунти, според веб-страницата на Fiat на Stellantis.

-Важната порака е дека прво ги намалуваме трошоците, а потоа и цените за да ја заштитиме маржата на автомобилот, им рече финансискиот директор на Рено, Тиери Питон на аналитичарите на прашањето за неодамнешното намалување на цената на електричниот Меган. Тој додаде дека електричниот Scenic, кој треба да биде лансиран оваа година, ќе чини нешто помалку од 40.000 евра. „Ако ја погледнете конкуренцијата, вклучително и онаа од Кина, Scenic ќе биде многу добро позициониран“, смета тој.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП