28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБитиќи: Стратешките инвестиции во енергетскиот сектор се клучни за енергетскиот суверенитет на...

Битиќи: Стратешките инвестиции во енергетскиот сектор се клучни за енергетскиот суверенитет на Северна Македонија

Стратешките странски инвестиции во енергетиката се клучни за енергетскиот суверенитет на нашата држава затоа што со намалувањето на зависноста од фосилни горива, ќе ни се намали и ранливоста на геополитички тензии и флуктуации на енергетските пазари. Северна Македонија ќе се стекне со поголема контрола врз снабдувањето со енергија, обезбедувајќи стабилност и автономија во задоволувањето на нашите енергетски потреби, вели вицепремиерот Фатмир Битиќи.

Тој во интервју за „Либертас“ објаснува дека на овој начин нашата земја, која во моментов увезува 25-35% од електричната енергија, може да стане земја-извозник.

-Ние треба да се концентрираме на ресурси и производство на енергенси со кои би можеле да го подобриме нашиот енергетски и, пред сè, трговски биланс. Преку стратешки странски инвестиции во енергетиката, секако не занемарувајќи ги домашните капацитети за производство, од земја која е нето-увозник можеме да станеме нето-извозник на електрична енергија, а во догледно време и на водород, кој во високоразвиените земји се смета за енергенс на иднината – вели Битиќи.

Освен увозот на 25-35% електрична енергија за сопствени потреби, Македонија во моментов и во однос на преостанатите енергенси е зависна од увоз.

-Топлинската енергија, која ја произведуваме од 100% увезен природен гас, ја произведуваме во домашните топлани, што би се рекло тука немаме директен увоз на топлинска енергија, но индиректно целосно ја увезуваме преку гасот. Нафтата и нејзините деривати се исто така 100% увозни, освен оние мали количини биодизел кои се произведуваат кај неколку наши домашни производители – вели Битиќи.

Вицепремиерот објаснува дека ваквите трендови ќе имаат влијание врз повеќе сектори од нашата економија, па и врз целокупното општество, затоа што така наместо дефицит ќе бележиме суфицит во трговијата со електрична енергија, ќе се отворат многу нови високоплатени работни места во енергетиката, повеќе придонеси, даноци и други давачки кои овие инвестиции ќе ги уплаќаат во централниот буџет, но и во општинските буџети.

-Покрај економските придобивки, од огромно значење е и позитивното влијание врз животната средина, намалување на загадувањето со самото тоа што голем број домаќинства ќе можат да се приклучат на топловодната мрежа. Подобриот трговски биланс, пак, ќе значи и поголем девизен прилив и подобри услови на девизниот пазар од аспект на монетарната политика – смета тој.

Во моментов во собраниска процедура се договори за четири стратешки инвестиции во обновливи извори на енергија – „Митилинеос“, „Акуо“, „Аим грин тек“ и „Хек солар“. Нивната вкупна вредност од 786 милиони евра, од осамостојувањето до денес, претставува најголем исчекор кон енергетска сувереност, затоа што во енергетскиот систем ќе добиеме инсталирана моќност од околу 865 MWh. За споредба, инсталираната моќност на РЕК Битола изнесува 700 MWh, но во последните години, поради намалената ефикасност и неквалитетниот јаглен, се користи само со капацитет од 450MWh.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП