13 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа шопинг во „second hand“ бутик – би купиле ли веќе носена...

На шопинг во „second hand“ бутик – би купиле ли веќе носена јакна?

Многу наши сограѓани и сограѓанки купуваат „second hand“ облека, и тоа не е тајна. Овој тренд добива на тежина, а причините се разновидни.

Во бутиците за втора рака, луѓето наоѓаат уникатни парчиња облека, кои не само што се економски прифатливи, туку и имаат своја приказна.

Денар разговараше со вработена во бутик за облека од втора рака, а таа ни изјави дека и познати личности се нејзини редовни муштерии.

„Во нашиот бутик, меѓу муштериите, имаме и познати личности. Тие не се срамат да купат втора рака облека, бидејќи знаат дека можат да најдат квалитетни парчиња. Не ги интересира дали некој претходно го носел истото парче во Франција или во Италија. За нив, стилот и квалитетот се најважни“, ни изјави таа.

30-годишната Ангела Петровска вели дека редовно ги посетува бутиците за втора рака и дека воопшто не се срами да носи веќе носена облека.

„Лично, редовно ги посетувам бутиците за втора рака. Честопати таму наоѓам добра и квалитетна роба. Пред неколку месеци купив јакна за 1.200 денари, а истата јакна во обичната продавница изнесува над 7.000 денари. За мене, ова е практичен и одржлив начин да се облечам со стил“, искоментира Петровска.

И 28-годишната Магдалена Васовска смета дека купувањето „second hand“ облека е како да откривате таен гардеробер на некој друг човек.

„Не ме засрамува фактот дека некој претходно го носел тоа парче облека. Напротив, тоа ми дава чувство на уникатност и приказ на историјата на текстилот. Понекогаш се чувствувам како детектив кој решава стилски загатки. Купувањето облека од вакви продавници не е само моден израз, туку и начин да се придонесе кон одржливоста на планетата и да се изрази индивидуалноста“, ни изјави Васовска.

Но, има и такви на кои им е шубе да купуваат „second hand“ облека.

„Поголемиот дел од моите врснички ќе се согласат со мене. Никогаш не би се осудила да купам облека од таква продавница. Ние, кои сме одгледани во времето кога новата облека беше симбол на статус и престиж, тешко се навикнуваме на идејата за носење веќе носена облека. Новата облека сега воопшто не е скапа, па нема да заштедите многу пари ако купите носена облека“, изјави 50-годишната Драгица Маџовска од Скопје.

Втората рака не е само тренд, туку и одговорен начин на шопинг, кој ја поддржува одржливоста и дава можност за индивидуален израз на стилот.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП