3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБиткоинот троши повеќе од два отсто од електричната енергија во САД

Биткоинот троши повеќе од два отсто од електричната енергија во САД

Во последните неколку години, рударењето на криптовалути стана многу профитабилен бизнис, а тоа може да се види по огромните трошоци за електрична енергија што се користи за бизнисот. Агенцијата за енергетски информации (EIA) ги објави прелиминарните резултати од потрошувачката на електрична енергија за ископ на криптовалути, кои велат дека бизнисот троши повеќе од два проценти од вкупната електрична енергија што се користи во САД. Со други зборови, рударењето годишно троши електрична енергија еднаква на една од државите на САД.

Сериозните рудари на криптовалути на глобално ниво одамна ги надминаа класичните компјутери и малите уреди. Сега користат големи колекции на специјализиран хардвер кој освен што е скап, троши и огромни количини електрична енергија. Затоа е забележан тренд на преселување на вакви рударски фарми на локации со поевтина струја. Дополнително, по кинеската акција против криптовалутите, многу рудари се преселија на американска почва.

На тој тренд укажа и Cambridge Centre for Alternative Finance. Според нивните податоци, во 2020 година, на глобално ниво, околу три отсто од биткоините биле ископувани на американско тло, додека во 2022 година тие бројки скокнале на 38 отсто. Во истиот период потрошувачката на електрична енергија се зголемила од 25 на 91 терават-час.

EIA сакаше да има подетални податоци за сето ова, па затоа прочешла низ финансиските извештаи, написите во вести, конгресните истраги и други извори за да идентификува што е можно повеќе операции за ископување криптовалути. Тие успеале да идентификуваат 137 постројки, кои потоа ги прашале за нивната потрошувачка на електрична енергија. Добиле 101 одговор од кои можеле да заклучат дека трошат 2,3 отсто од побарувачката на струја во Америка. Најголемите потрошувачи се наоѓаат во Тексас и по должината на потегот од западен Њујорк до Јужна Џорџија.

Исто така, беше забележано дека фармите за ископување криптовалути стратешки се позиционираа во близина на електрани кои не работеа со полн капацитет. Следејќи ја историјата на пет вакви електрани, забележано е дека производството на електрична енергија во нив постојано се намалувало од 2015 до 2020 година, кога сите произвеле вкупно половина терават-час енергија. По доаѓањето на фармите за ископување криптовалути, во текот на 2022 година, овие електрани го зголемија своето производство на повеќе од два терават-часа.

EIA ги разгледа и стратегиите што ги користат рударите за да ги намалат трошоците за електрична енергија. Во еден случај, фарма во Тексас се наоѓа на местото на поранешна фабрика за алуминиум, со цел да се искористи нивниот капацитет за поврзување на електричната мрежа. Во друг случај, во Пенсилванија, фармата се наоѓала во близина на нуклеарна централа со која била директно поврзана.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП