28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСлаб интерес на ДОО за трансформирање во АД

Слаб интерес на ДОО за трансформирање во АД

doo

Семејно водените бизниси кои функционираат како друштва со ограничена одговорност (ДОО) многу ретко одлучуваат да се трансформираат во акционерски друштва (АД). Се плашат, велат експертите, дека ќе изгубат контрола врз управувањето, надзорот и работењето на компанијата.

Полесен пристап до капитал, придобивки од котацијата на хартии од вредност, ограничена одговорност, преносливост на акциите, ефикасно корпоративно управување, стабилност во постоењето, можност за експанзија, зголемена доверба во јавноста, општествена корист и дисперзиран ризик, се предностите на преобрзбата од ДОО во АД, беше речено на денешната работилница во Стопанската комора.

„Не се плашете дека ќе ја загубите контролата врз вашата компанија, напротив, преку корпоративните практики ќе воспоставите сет односи со менаџментот, одборот, акционерите и другите засегнати лица. Тоа обезбедува структура која ги утврдува целите што ќе влијаат на подобрување на учинокот, работењето, конкурентноста, профитноста и долгорочната вредност на фирмата“, порача претседателот на Комисијата за хартии од вредност Елизабета Чингаровска пред присутните претставници на ДОО.

Според неа, поголема ефикасност и ефективност кај АД кое не е управувано од акционерите, туку од директорите менаџери, ќе се постигне преку одвоеност на сопственоста од управувањето што не значи дека постојните сопственици во целост би го изгубиле влијанието во управувањето и одлучувањето.

„Преку преобразба на вашето ДОО во АД ќе имате полесен пристап до капитал, ќе можете да прибирате средства од широката јавност преку издавање акции во секое време за неограничен број инвеститори со цел да се остварат финансиските цели и барања на друштвото. Капитал може да се прибира и со издавање должнички хартии од вредност“, рече Чингаровска, додавајќи дека со нова емисија на хартии од вредност компанијата станува транспарентна, отворена за инвестициската јавност, акционерите…, со што се зголемува и довербата во друштвото.

ДОО не се научени транспарентно да работат, сметаат дека трансформацијата во АД ќе им ги наруши односите внатре, дека ќе се отворат премногу и ќе треба да даваат информации што според нив не треба да се даваат, е оценката на Кирил Митровски од Инвест брокер.

Тој го лоцира проблемот и во банките кои, како што изјави, се уште ги поддржуваат таквите компании.

„Државата со законски измени и стимулации треба да ги поттикне ДОО да се трансформираат во АД“, истакна Митровски, укажувајќи дека на Берзата и се неопходни нови акционерски друштва.

Како што објасни професорот Горан Коевски, светот познава затворени и отворени акционерски компании.

„Кај релативно затворените АД, основачите на претходното ДОО може да ја задржат контролата ако акционерската структура се формира со емисија на приоритетни акции без право на глас и акции со право на глас. Поранешните содружници може да ги задржат акциите со право на глас, имајќи ја клучната улога во Собранието на акционерското друштво, а заинтересираната јавност која ќе види свој интерес за вложување, би запишала и купила акции без право на глас, со можност понатаму и тие да се трансформираат со право на глас“, рече Коевски.

Претседателката на КХВ Чингаровска ги охрабри ДОО да се трансформираат во АД и да емитираат акции и корпоративни обврзници преку кои, напомена, полесно, побрзо, поефикасно и поевтино ќе дојдат до потребните финансиски средства за реализиација на сопствените бизнис проекти.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП