16 октомври, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАШто во пракса ќе промени Законот за нефер трговски практики?

Што во пракса ќе промени Законот за нефер трговски практики?

Со новиот закон за нефер трговски практики, кој се очекува наскоро да биде доставен до Собранието, треба да се воспостави ред и рамноправност меѓу производителите и трговците на прехранбени производи.

Законот предвидува максимална стапка на профит од 10 отсто за секој од актерите во синџирот на слободниот пазар, како и забрана на наметнување нефер услови од страна на купувачите со преговарачка моќ.

Производителите на земјоделски и прехранбени производи се жалат дека се во подредена состојба во однос на трговците, кои ги откупуваат нивните производи по ниски цени и ги препродаваат на пазарите со високи маржи.

Според последните податоци, трошоците на производство се вртоглави и производителите едвај успеваат да заработат 3 отсто, додека трговците имаат профит и до 30 отсто.

Од Министерството за економија брифираат дека законот е во согласност со европските стандарди и дека ќе донесе поголема конкурентност и транспарентност на пазарот.

Министерот за економија Крешник Бектеши неодамна истакна дека законот ќе го спречи искористувањето на производителите од страна на трговците.

– Инфлацијата од пред неколку месеци е под 5 отсто и вкупната инфлација во делот на храната и во пијалаците ќе биде во тренд на намалување и во континуитет. Веќе сме при крај со анализите. Веќе е подготвен законот за нефер трговски практики, добиено е мислење од релевантните институции, чекаме и мислење конкретно од Секретаријатот за законодавство, по што треба да се направат кореспондентни табели поради тоа што е со европско знаме за да оди така во Собрание – истакна тогаш Бектеши.

Тој додаде дека законот ќе ги заштити и потрошувачите, бидејќи ќе се спречи зголемување на цените на прехранбените производи и безалкохолните пијалаци, за кои се утврдени гарантирани цени.

Денар на оваа тема се консултираше и со економски експерти кои велат дека Законот за нефер трговски практики е потребен и е добредојден за да се заштитат интересите на производителите, потрошувачите и на државата.

„Со ограничувањето на рабатите и забраната на наметнување на нефер услови, се спречува злоупотреба на пазарната моќ и се воспоставува поеднаквост и конкурентност. Ова ќе доведе до подобрување на квалитетот и намалување на цените на прехранбените производи, што ќе има позитивен ефект врз животниот стандард и инфлацијата. Законот е во согласност со европските принципи и практики и ќе придонесе за поскоро интегрирање на нашата земја во Европската Унија“, коментираат економистите.

Законот предвидува и дека сите договори меѓу производителите и трговците мора да бидат писмени и регистрирани кај Комисијата за заштита од конкуренција. Законот ќе влезе во сила по објавувањето во „Службен весник“ и ќе има период на приспособување од шест месеци.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП