2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕвропските ревизори: За дополнителната помош од шест милијарди евра за Западен Балкан...

Европските ревизори: За дополнителната помош од шест милијарди евра за Западен Балкан треба подобар надзор

Предложениот план за реформи и раст на Западен Балкан од шест милијарди евра треба да им помогне на тие земји да ги исполнат условите за влез во ЕУ. Во мислењето објавено од Европскиот суд на ревизори, се посочува дека дополнителните пари на Унијата треба подобро да се заштитат, соопштуваат од институцијата.

Економското зближување на шесте западноевропски земји (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија) и ЕУ со години се сметаше за неефикасно, се додава во соопштението.

Како одговор, во ноември минатата година Европската комисија предложи формирање на посебен финансиски инструмент, Планот за реформи и раст на Западен Балкан, како дел од новиот план за раст на регионот.

Целта на овој план е да се стимулира економскиот раст, да се зголеми социо-економското зближување со земјите од ЕУ и да се забрза усогласувањето со европските вредности и законодавство, имајќи го предвид идното членство, се наведува во соопштението.

„Европските ревизори го поздравуваат воведувањето на построги услови за финансирање, поврзувајќи ги плаќањата со исполнувањето на условите што ќе бидат поставени во реформските агенди за различни земји. Сепак, постои ризик условите за плаќање да не се доволно амбициозни и дека индикаторите се недоволно јасни и мерливи. Исто така, останува тешко да се осигура дека реформите ќе бидат одржливи, особено во однос на слабите административни капацитети на регионот“, рече членот на Европскиот суд на ревизори Лаима Лиучија Андрикиене.

Таа додаде дека Европската комисија не само што треба да набљудува, туку и да може да бара од владите на Западен Балкан соодветно да ги разгледаат и изменат нивните реформски агенди.

Европските ревизори предложија и изработка на соодветен водич за проценка на задоволително исполнување на условите за финансирање предвидени во реформските агенди.

„Во планот за периодот од 2024 до 2027 година е предвидена поддршка од шест милијарди евра (две милијарди грантови и четири заеми) од тековниот буџет на ЕУ, ревизорите истакнаа дека средствата што ќе се обезбедат со овој план претставуваат значително зголемување (повеќе од 40 проценти) на финансирањето предвидено за Западен Балкан до 2027 година“, се вели во соопштението.

Ревизорите констатираа и дека предложените мерки за раст објаснуваат зошто економиите од Западен Балкан треба да продолжат да се приближуваат кон ЕУ.

Планот ги истакнува и различните придобивки што ќе ги донесат предложените мерки за регионот, се посочува во соопштението.

„Сепак, во отсуство на проценка на влијанието или аналитички документ, европските ревизори не беа во можност да проценат до кој степен предвидените шест милијарди евра помош веројатно ќе придонесат за постигнување на главните цели на планот на крај, ревизорите предлагаат допрецизирање на одредени одредби од предлогот што се однесуваат на ревизијата на правата на Европскиот суд на ревизори и пристап до податоци и документација заради обезбедување соодветен надзор“, се наведува во соопштението.

Накратко, кој ќе ги исполни реформите ќе ги добие парите предвидени во планот.

Во суштина тоа е план кој предвидува дополнителни средства во однос на оние кои се веќе обезбедени преку пристапните фондови. Услов за тоа е креирање реформска агенда на годишно ниво, што ќе се прави во наредната година и нејзино исполнување, а што тоа подразбира зајакнување на демократските институции на владеење на правото.

Албанија, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и БиХ имаат статус на кандидати за членство во ЕУ.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борељ, претходно го нарече планот за раст за Западен Балкан „важна понуда, која дава поттик за постигнување напредок во релевантните реформи“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП